Европската полициска агенција, Европол, вчера објави дека учествувала во апсење на 10 хакери осомничени дека украле криптовалути од 100 милиони долари при хакерски напади на размена на СИМ картички (SIM-swapping), што им овозможи на осомничените да добијат пристап до телефоните на жртвите.

„Целта на нападот од оваа криминална група беа илјадници жртви во текот на 2020 година, вклучувајќи познати интернет-инфлуенсери, спортисти, музичари и нивните семејства“, се вели во соопштението на агенцијата.

Апсењата се извршени по истрагата во соработка со Велика Британија, САД, Белгија, Малта и Канада, соопшти Европол.

Во нападите со замена на СИМ картичката, хакерите обично манипулираат телекомуникациска компанија  за да ја деактивираат СИМ картичката на корисникот и да пренесат функции на картичка контролирана од хакери.

„Ова им овозможи на хакерите да украдат пари, криптовалути и лични податоци, вклучително и контакти синхронизирани со онлајн сметки“, рече Европол.

„Тие исто така хакираа сметки на социјалните мрежи со цел да објават содржина и да испраќаат пораки во кои се претставуваат како жртви.

Европол не ги идентификуваше жртвите и не соопшти каде се случило апсењето. На јавноста и беше препорачано да не користи услуги што користат текстуални пораки за да се најават на мрежни сметки, бидејќи тоа го олеснува овој вид напад. Една од најпознатите жртви на нападот со замена на СИМ-картичката во минатото е извршниот директор на Твитер, Џек Дорси, во 2019 година, потсетува британската агенција.