Вардакс, претпријатието кое стопанисува со нафтоводот Скопје – Солун, до Регулаторна комисија за енергетика поднесe барање за добивање лиценца зa повторно да проработи, објави порталот „Φактор“.

Во ова претпријатие сопственик од 20 отсто е државата преку претпријатието „Нафтовод“, а поголемиот удел од 80 проценти го има групацијата Хеленик Петролеум.

Директорот на Нафтовод, Есад Рахиќ, за „Фактор“ вели дека нафтоводот има потенцијал годишно да испорачува милион тони дизел за Северна Македонија и Косово и тоа би значело голема сума за државата од наплатата на транспортот.

– Можам да објавам дека конечно е тргната работата во вистински правец. Се работи за стратешки проект кој не смееше да биде изоставен. Не знам ни самиот зошто досега се чекаше за ваква работа. Освен финансискиот бенефит, земјата ќе добие поевтина и поквалитетна нафта. Сепак ова е сamо почеток, треба да се донесат и изменат уште неколку законски и подзаконски акти за старт на работата, изјави Рахиќ.

Директорот вели дека процедурите продолжуваат и понатаму, но важно е дека во меѓувреме се зголемила свеста за овој проект. Во иднина нафтоводот ќе го промени своето име и ќе се вика продуктовод. Барањето до РКЕ е поднесено на 23 ноември.

Упатени извори за „Фактор“ велат дека со повторното функционирање на нафтоводот ќе се неутрализира можноста за фиктивен влез на нафта од трговците и точно ќе се знае увезената количина. Ќе се елиминираат и факторите на застој и блокади на границите, можната нефункционалност на железницата и оштетувањето на патиштата. Во моментов има и крак чија изградба е стигната до скопско Арачиново што треба да продолжи кон Косово. Неодамна и Србија најави дека ќе гради нафтовод до границата со Македонија. Цената на транспорот од страна на „Вардакс“ допрва ќе се утврдува од страна на претставници на Министерството за економија и Хеленик Петролеум. Што се однесува до неговата состојба, велат дека е добро заштитен и неговата сигурност ќе се испитува детално.

Како што е познато, нафтоводот е затворен од 2013 година кога од страна на Хеленик Петролеум оценија дека неговото работење е непрофитабилно. Во исто време, „Хеленик петролеум“ поднесе барање против Скопје за исплата на надоместок, поради непочитување на клаузулата за откуп на енермно пропишани количини на гориво од грчката компанија во периодот 2008-2011 година.