Продолжува трендот на пад на невработеноста во државата. Во мај Агенцијата за вработување регистрира 120.174 активни баратели на работа, што е за околу 2.300 помалку отколку во април. Споредено со мај лани, бројот на невработени кои активно бараат работа се стопил за повеќе од 23 илјади.

Паѓа и бројот на пасивните баратели на работа. Минатиот месец ги има за близу 800 помалку отколку во април, а во однос на ланскиот мај, бројот им е помал за над девет илјади.

Официјална анализа на овој тренд, кој трае речиси две години нема, а експертите причините ги бараат не само во новите вработувања и одливот на работници во странство, туку и во незаинтересираноста на младите да се регистрираат како невработени откако ќе го завршат образованието.

-Има повеќе причини. Една се активните мерки од Оперативниот план за вработување преку кои има нови вработувања. Во моментов голем број лица се ангажирани на сезонски работи и не се пријавуваат како невработени. Секако, некои одат во странство, но голем е бројот на лицата кои воопшто не се пријавуваат како невработени. Лани, на пример, според Државниот завод за статистика дипломирале 7.753 студенти. Јас сметам дека најмалку половината од нив воопшто не се пријавиле како активни баратели на работа, вели за весникот ВЕЧЕР, Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Според евиденцијата на АВРМ, во текот на мај како невработени се пријавени околу 3.500 лица, од кои само 376 на списокот се впишани првпат, а околу 2.300 засновале работен однос.

Веќе две години меѓу 25. топ-занимања што ги издвојува Агенцијата за вработување врз основа на дневната побарувачка на работници, на врвот се хигиеничарите. Лани весникот ВЕЧЕР пишуваше дека се бара рекорден број од околу 400 хигиеничари, а вчера преку огласи работодавците бараа двојно повеќе,  вкупно 778. Според Бошков, таа побарувачка во овој период е логична и ја диктира туристичката сезона.

-Хигиеничарите им се потребни на хотелите и на угостителските објекти претежно во туристичките места. По пандемијата зголемен е бројот на туристи и нормално е да се бараат повеќе сезонци, не само хигиеничари, туку и келнери, шанкери, готвачи и слично, вели тој.

Огнен Симоновски, оперативен директор на компанијата ФМС, на која една од дејностите ѝ е одржување на хигиена, пак, смета дека објавената бројка на околу 800 хигиеничари, кои им се потребни на компаниите, е нереална.

-Мислам дека причина за зголемената побарувачка на хигиеничари се тендерите. Ако една компанија го изгуби тендерот за одржување хигиена во јавна институција, нејзините работници преминуваат во друга, која ќе го добие тендерот, а за тоа се објавува оглас. Исто така, побарувачката на хигиеничари се зголемува и кога се отвора некој поголем објект, како што неодамна беше на пример „Ист гејт мол“, вели тој за весникот ВЕЧЕР.

Според него, хигиеничари кои професионално ќе ја вршат работата, онака како што бараат компаниите, тешко се наоѓаат, па можеби затоа постојано се барани.

На вчерашната листа на најбарани занимања на второ место се општите работници, за кои се отворени 735 работни места. На трето место се продавачите (599), а потоа доаѓаат келнери (376), возачи на камиони (283), па шанкери (208), готвачи (159)… Меѓу другите се бараат и 140 програмери и 64 машински инженери. (С.В.)