Хрватскиот централен завод за статистика ги објави првите резултати од пописот во земјата, кои покажуваат дека Хрватска во последните десет години изгубила 396.360 луѓе и дека само три града имаат над 100.000 жители – Загреб, Сплит и Риека.

Според резултатите од пописот, Хрватска нема помалку жители од 1948 година. Од 1991 година досега загуби 895.736 жители или речиси целиот град со големина на Загреб, додека само во последните десет години, од последниот попис спроведен во 2011 година, загуби 396.360 жители – речиси 10 отсто.

Во 2011 година во Хрватска живееле 4.284.889 граѓани, а денес живеат само 3.888.529.

Резултатите од пописот покажуваат и дека само три града во Хрватска имаат повеќе од 100.000 жители – Загреб, Сплит и Риека.

По Загреб (769.944 жители), Сплит (161.312 жители) и Риека (108.622 жители), четврти по големина град во Хрватска и натаму е Осиjек, кој во 2011 година имал 108.048 жители, а сега има 96.848.

Резултатите од пописот покажуваат дека во Хрватска не постои жупанија која бележи пораст на населението, а покрај бројот на жители, во Хрватска се намалува и бројот на домаќинства, но расте бројот на станбени единици, особено во крајбрежни окрузи.

Бројот на домаќинства е намален за 80.615 (5,31 отсто), а бројот на станбени единици е зголемен за 103.534 (4,61 отсто).

Пописот во Хрватска, по трипати продолжување на рокот, заврши кон средината на ноември минатата година.

Граѓаните можеа да се попишуваат со помош на електронски прашалник достапен на порталот е-Граѓани, по што попишувачите ги попишуваа сите пописни единици кои не беа самостојно попишувани, со контрола на податоците собрани со независно попишување.