Германската влада најави дека земјата ќе престане да користи јаглен до 2030 година и сака да достигне 100 отсто чиста електрична енергија до 2035 година.
Целта кон која се стреми Германија е од 2035 година да се снабдува со електрична енергија исклучиво од обновливи извори и зелен водород, најави министерот за економија и заштита на климата Роберт Хабек.
Планот е Германија целосно да се откаже од јагленот до 2030 година, осум години пред претходно утврдениот рок, пренесува порталот Klima 101.
Според презентираните планови, обновливите извори до крајот на деценијата треба да достигнат 80% од уделот во производството на електрична енергија, што е двојно повеќе од 2021 година.
Во моментов, поголемата зависност од јаглен, од околу 28 отсто, се припишува на одлуката на владата на Ангела Меркел да ги затвори сите нуклеарни реактори оваа година.
Сончевите електрани ќе бидат обврзани да го почитуваат стандардот за новоизградени куќи на нови комерцијални објекти, додаде министерот Хабек. Според него, земјата треба да биде поефикасна и побрза во борбата против климатските промени.
Германија има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 65 отсто до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година.
Не е запоставен ниту секторот за одржлива мобилност, па во следните осум години годишно треба да се изградат 100.000 станици за полнење на електрични автомобили.
Како што нагласи претставникот на Партијата на зелените, Хабек, за исполнување на целите за заштита на климата, Германија е исправена пред сериозна политичка задача, која ќе биде голем социјален и финансиски предизвик, но и можност.
Амбициозните цели, претставени од Хабек, се дизајнирани да ја доведат една од водечките европски економии до јаглеродна неутралност до крајот на 2045 година.
Шведска и Португалија си поставија ист рок за постигнување на нето-нула емисии, додека Обединетото Кралство, САД, Данска, Канада, Јапонија, како и ЕУ имаат намера да го исполнат до 2050 година.
Според непрофитната организација Energy and Climate Intelligence Unit, вкупно 137 земји дале некаков вид ветување дека ќе постигнат јаглеродна неутралност помеѓу 2045 и 2070 година.