Ако некој корисник на финансиска поддршка од 6.000 денари од Владата има блокирана трансакциска сметка, тогаш банката која има договор со Владата треба по негово барање да му отвори посебна трансакциска сметка поврзана со времена дебитна платежна картичка на трошок на банката на која ќе ја прими финансиската поддршка и која ќе биде изземена од извршување по било која основа. Ова е дел од Законот за финансиска поддршка на повеќе категории граѓани кој веќе стигна во собрансика процедура. Порталот Фактор вчера објави први детали од Законот, а според него помош добиваат граѓаните со низок доход, пензионери до 15.000 пензија корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.

Конечната листа кој ќе добие помош сепак ќе ја изготвуваат неколку институции, а ќе биде објавена на kupuvamdomasno.gov.mk осум дена откако Законот ќе биде изгласан и ќе биде објавен во Службен весник. Како што објавивме парите ќе се даваат на транскациска сметка а ќ еможат да се трошат преку употреба на дебитна картичка и нема да можат да се подигнуваат како готовина. Сите 6.000 денари ќе треба да се потрошат до 25 декември, пишува Фактор.мк

Овој пат Владата прво ќе избере во кои дуќани ќе можат да се трошат парите и тие ќе бидат јавно објавени на интенет страницата kupuvamdomasno.gov.mk. Сите фирми кои ќе бидат избрани ако се продавници за трговија на мало должни се да обезбедат посебно обележани рафтови и гондоли со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лицата – корисници на финансиската поддршка од овој закон. Доколку во објектите за трговија на мало не постои можност за издвојување на македонските производи на посебно обележани рафтови или ако со издвојувањето се нарушува нивниот квалитет или рокот на употреба македонските производи должни се да ги означат со видна етикета на која исто така ќе пишува „КУПУВАМ ДОМАШНО“.

Во заонот стои и дека правните лица во кои ќе се трошат овие пари мора да имаат каса на која се издаваат фискални сметка која задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи. Со парите ќе може да се купува и он лајн. Инаку како што веќе објавивме додека е во собраниска процедура законот, парите нема да легнат на сметките.

Кој добива помош? Според законот граѓани со низок доход се лица кои бараат работа (пасивен барател на работа) во Агенцијата за вработување заклучно со 27 септември годинава и кои од јануари до август годинава оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари. За да добијат помош пензионерите треба да не имаат од јануари до август доход поголем од 120.000 денари, односно месечен износ на доход по основ на пензија не поголем од 15.000 денари. Помош ќе користат и корисници на право на социјална сигурност на стари лица кои имаат 65 годишна возраст, а кои користат право на социјална сигурност и се евидентирани во центрите за социјална работа.

„Млади лица“ се лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години а кои се активни учесници во формалното средно образование, во високото образование, а не биле опфатени, односно биле испуштени во претходниот пакет на економски мерки.

Пари добиваат и самохраните родители односно родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права, но треба да е евидентиран во Министерството за труд и социјална политика. И тие не треба да имаат доход поголем од 120.000 денари до август., Истото важи и за уметниците, естрадните уметници и филмските работници.

По 6.000 денари ќе добијат и дeца без родители и родителска грижа однонсо деца чии родители не се живи, кои се исчезнати, непознати или се со непознато живеалиште повеќе од една година и дете чии родители без оглед на причините привремено или трајно не ги извршуваат своите родителски права или должности ставени под старателство од надлежен центар за социјална работа.