Според Државниот завод за статистика, само во 2022 година во земјава се доселиле 75 странци на возраст од над 65 години, додека 64 лица е бројката на доселени странци, со возраст од 60 до 64-годишна возраст

Досега не е лансирана некаква рекламна кампања, која би ја промовирала Македонија како „пензионерски рај“. Природните убавини, благата клима, солидниот здравствен систем, ниските кирии и животни трошоци, очигледно се недоволни за и државава да стане една од државите каде што граѓаните од третата доба би живееле спокојно. Една од нив е Малезија, а привлечени од ваквите кампањи, американските пензионери и со социјални пензии сè повеќе заминуваат во Панама, Никарагва, Костарика, Белизе или Хондурас, бидејќи таму живеат како „мали богови“. Европските пензионери, на пример, во повеќето земји се попосакувани од туристите. За тоа сведочат примери од Шпанија, Хрватска, Бугарија и од Турција. Хрватска, исто така се рекламира за да ги привлече американските пензионери, бидејќи тие живеат во туристичките места и надвор од сезоната, а тоа е добро и за локалното стопанство.

Познатиот германски портал „Фокус.де“, пред две години им препорача на тамошните пензионери да уживаат во третата доба во еден од десетте светски градови, а на второ место го ставија Требиње, БИХ. Бидејќи нема официјални бројки, колку граѓани сениори ја одбираат Македонија за да уживаат во плодовите на својата пензија, во податоците од МАКСТАТ базата на Државниот завод за статистика може да се види дека во 2022 година во земјава се доселиле 75 странци на возраст од над 65 години, додека 64 лица е бројката на доселени странци, со возраст од 60 до 64-годишна возраст. Овие бројки се совпаѓаат со времето за пензионирање, но нашите надлежни институции немаат некоја посебна анализа за темата. Инаку, начинот на кој странските државјани би ја примале својата пензија, доколку се доселат во земјава, е овозможен во согласност со законските важечки прописи.

Домашните закони предвидуваат дека за државјанин на Северна Македонија, корисник на пензија по македонски прописи, кој ќе се исели во странство, Фондот постапува според одредбите на нашиот закон за ПИО. Така корисникот на пензија доставува банкарски податоци од странска банка (ИБАН/СВИФТ, каде што би му се вршела исплата на пензијата). По добивањето на тие податоци, се носи решение за трансфер. По однос на прашањетo, како странски државјанин би ја примил странската пензија доколку се досели во нашата земја, тоа е регулирано според националното законодавство на државата во која е остварено правото за пензија – е претходно добиеното објаснување од Фондот.

Германскиот портал „Фокус.де“ пред крајот на 2021 година објави дека околу 242 илјади германски пензионери живеат во странство, па од 574 анализирани, тие избрале десет најдобри градови во кои може убаво да се помине третата доба. Освен Требиње, кое се најде на второто место со вкупно 80,8 бода, се спомнуваа Батуми (Грузија), Бурса (Турција), Термопол во Украина, Росарио во Аргентина, Осиек во Хрватска и други. Еден град можел да добие најмногу 100 бода. Во методологијата за избор се споредувале просечната кирија и трошоците за живот во градот во однос на Берлин, квалитетот на здравствената заштита, безбедносната ситуација, климата, колку време е потребно да се пројде низ градот со автомобил или јавен превоз, како и нивото на загаденост и квалитетот на воздухот.

Исто така, страницата НетКредит користејќи ги пресметките на Нумбео, неодамна посочи дека различноста, историјата и културата на Европа ја прават атрактивно место за многу Американци да размислуваат да ги поминат своите подоцнежни години тука. Северна Македонија е најевтина на континентот.