Пресметките на компанијата за наредната година се веќе при крај и барањето деновиве ќе го испратат до Регулаторната комисија за енергетика, која ќе треба да одлучи дали ќе го прифати.

Директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани за Канал 5 објаснува дека загубите во мрежата се исти како и минатата година кога бараа 41% зголемување, но оваа година поради високите берзански цени на струјата, од 7 милиони колку што изнесуваа лани, годинава за покривање на загубите ќе им бидат потребни 23 милиони евра.

Оваа ставка ја имаме секоја година, но поради зголемените цени на берза, за наредна година предвидуваме поголем трошок. Ако минатите години и лани бил 7 милиони евра овој трошок, за наредна година предвидуваме 23,4 милиони евра. Врз основа на овој трошок, инаку од работењето не се менува ништо, само овие дополнителни трошоци поради цените на берзите.“ изјави Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО

Сепак МЕПСО во крајната сметка за домаќинствата има најмало учество, или околу 4%. Па доколку РКЕ ги прифати нивните барања, тоа ќе значи дека на сметка од илјада денари зголемувањето ќе биде 20 денари.

ЕСМ од кого и највеќе зависи колкаво поскапување ќе добијат граѓаните, утре треба да се јави на тендерот на ЕВН Хоум и да достави понуда за првите шест месеци годинава. Цената не се открива, но според информациите во јавноста од сегашните 36 евра, ЕСМ струјата ќе ја продава по 41 евро за мегават.

Надлежните уверуваат дека поради енергетската криза сметките од 1 јануари ќе бидат повисоки за само 10%. За да нема ценовни шокови, предвидено е во функција да се стават сите домашни капацитети. Во тек е набавка на мазут за ладната резерва ТЕЦ Неготино, а во петокот министерот за економија Крешник Бектеши беше во Косово да договара набавка на 3 милиони тони јаглен годишно за РЕК Битола, за наредните 5 години. Сепак преговорите со Косово се во тек.

Инаку лани во јуни струјата за домаќинствата поскапи за 12,3%, но граѓаните тоа не го почуствуваа бидејќи државата го намали ДДВ-то од 18 на 5%. Сепак во јуни 2022та предвидено е тоа да се качи на 10, а наредната повторно да изнесува 18%.