И по речиси еден месец од почетокот на исплатата на инаку, со месеци пролонгираните финансиски средства од петтиот Ковид-пакет, дел од македонските тутунопроизводители се уште не ги добиле парите, а други пак, добиле само дел, односно помалку од ветеното и очекуваното.

„Ние секој ден сме во комуникација со тутунарите и според она што го имаме како сознание, голем дел од тутунарите немаат воопшто добиено средства од Ковид-пакетот, додека пак, исто така, не мал број тутунари имаат добиено средства, меѓутоа во намален износ. Кај некои 3 до 4, па и 5.000 денари фалат“, – ни изјави за Алфа, Васко Јосифовски претседетел на ТЗ „Тутунска надеж“.

Го побаравме и ние подрачниот раководител Пачешкоски. Според него, некои од тутунарите задоцниле со доставувањето на документацијата, а некои пак, имале прикажано лажни податоци.

„Тие што се обратија до Подрачнава се решени. Имаше ситуации каде што има грешка во трансакциска сметка, има и такви кај што има повеќе сметки, тој оди во Комерцијална, а парите му лежат во Стопанска банка. Кај некои не се исплатени оти им е најдена разлика во контрола што се казнети претходно, имаат различни површини пријавено. На лице место контролата констатирала дека е лажно пријавено и тие се санкционирани. Доколку има некој проблем, слободно да го пратат во Подрачното и преку контактите во Платежна агенција ќе провериме што е проблемот“, вели Зоран Пачешкоски, раководител на ПЕ на МЗШВ во Прилеп.

Инаку, со овој пакет мерки се опфатени 19.060 тутунопроизводители. Се работи за поддршка од 3 денари по килограм необработен тутун од втора класа и 16 денари за килограм тутун од трета и четврта класа. Оваа поддршка на тутунарите им беше ветена уште на почетокот од годинава, па во оваа задоцнета исплата, тие препознаваат и политика и тоа од два аспекти. Едниот, Владата да си го спаси мнозинството, а додека другиот е што за десетина дена треба и официјално да започне откупот на тутунот од годинашнава реколта.