Закрепнувањето на профитабилноста на банките во еврозоната ќе дојде во 2022 година, објави вчера Европската централна банка (ЕЦБ), но одделно сугерираше дека може да ја укине забраната за исплата на дивиденда следната година, ако тоа го дозволи финансиската состојба на банките. Според CNBC, во објавениот преглед на финансиската стабилност, ЕЦБ изјави дека веќе една деценија, банките во еврозоната се борат со мала профитабилност како наследство од претходната економска криза од 2008 година, што донесе ниски каматни стапки и построги регулаторни услови.

Разорен ефект

Сепак, кризата предизвикана од коронавирусот дополнително ја влоши ситуацијата и нејзините последици ќе се почувствуваат во наредните месеци.

„Профитабилноста на банките се очекува да остане слаба“, рече во изјавата потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос. Степенот на разорните ефекти од коронакризата го покажува фактот дека, според ЕЦБ, во јуни минатата година повратот на капиталот (ROE) на банките во еврозоната бил околу 6 проценти. Аналитичарите очекуваат ROE да падне на 1,7 проценти оваа година, следната година да се искачи на 3,1% и на 5% во 2022 година. Со други зборови, за само две години, профитабилноста приближно ќе се врати на нивото на пред-пандемијата.

Сепак, ЕЦБ во извештајот рече дека предвидувањата за профитабилноста најверојатно ќе бидат ревидирани надолу со оглед на сегашниот пораст на бројот на заразени и новите мерки за затворање на економските активности воведени од европските земји, но и неизвесноста за тоа кога вакцината ќе им биде достапна на мнозинството.

Продолжената слаба профитабилност на банките негативно ќе влијае на капацитетот на банките за поддршка на реалната економија со кредитни пласмани, предупреди ЕЦБ, и покрај очекувањето дека каматните стапки ќе останат ниски за подолг временски период.

Друг проблем произлегува од можните загуби на кредитите, особено ако владите повлечат мерки за олеснување на положбата на должниците, како што е мораториум на отплата, пред целосно закрепнување на економијата. Во песимистичко сценарио, ЕЦБ предвидува дека банките ќе се соочат со лоши заеми од 1,4 трилиони евра, далеку повеќе отколку во последната криза. Како што е наведено од Луис де Гвиндос, мораториумите и државните кредитни гаранции го продолжија временскиот период на преточување на слабите економски резултати во загуби на кредитите.

Зачувување на капиталот

Како и да е, потпретседателот на Надзорниот одбор на ЕЦБ, Ив Мерш, за „Фајненшл тајмс“ изјави дека банките во еврозоната повторно ќе можат да исплатат дивиденда на акционерите следната година, доколку ги убедат регулаторите дека се финансиски доволно силни за да го преживеат економскиот и финансискиот пад предизвикан од кризата со коронавирусот.

Во септември, ЕЦБ им забрани на банките да плаќаат дивиденда за да зачуваат 30 милијарди евра капитал. Сепак, банкарското лоби со месеци бараше да се укине забраната за посилни банки. Мерш смета дека од правни причини би било тешко за ЕЦБ да ја продолжи таквата забрана до 2021 година. Покрај тоа, земјите што не се во еврозоната, како Велика Британија, Шведска и Швајцарија, сигнализираа дека ќе дозволат да се исплатат дивиденди следната година.

Од друга страна, Федералните резерви на САД засега не ја споменуваат можноста за укинување на забраната. Се очекува официјалната одлука за тоа да не биде донесена пред објавувањето на новите економски прогнози за еврозоната, објавено за 10 декември. Сепак, Каролин Роџерс, генерален секретар на Базелскиот комитет за банкарски надзор, неодамна рече дека плаќањата треба да се запрат додека не се разјасни долгорочното економско и финансиско влијание на пандемијата.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк