Напредокот во здравствената заштита и грижа, зголемената покриеност и подобрениот квалитет на услугите, следствено зголемениот просечен животен век и намалувањето на глобалната сиромаштија овозможи светското население да достигне осум милијарди. Сепак напредокот, не ги засегна сите подеднакво –  постојат огромни разлики во пристапот до правата и квалитетните услуги, можностите за раст и развој и квалитетот на живот.

Ова го порачува во интервју за МИА шефицата на канцеларијата на Фондот за население на ОН (УНФПА) во Скопје, Афродита Шаља – Плавјанска, по повод одбележувањето на свет со осум милијади жители.

Ако за зголемување од седум на осум милијарди беа потребни околу 12 години, следната милијарда се очекува светското население да ја достигне до 2037 година или за околу 15 години.

За да го подобриме квалитетот на живот на населението од осум милијарди, мора да инвестираме во човечки и физички капитал и да изградиме инклузивни општества. Изградбата на поинклузивни општества ќе им обезбеди можност на оние кои сакаат да учествуваат во економскиот систем, вклучувајќи ги најмаргинализираните лица, да го сторат тоа, вели шефицата на канцеларијата на УНФПА во Скопје.

Соочени со демографска „криза“, државите во Европа, вклучувајќи ја и нашата, мора да се подготват да ги ублажат потенцијалните негативни ефекти, да ги искористат постоечките можности и да создадат нови. Можностите се во остварување на економскиот раст што произлегува од искористување на потенцијалот на луѓе на работоспособна возраст, преку намалување на бројот на издржувани лица. Клучно е да се влијае на отстранување на причините кои влијаат на чувството на несигурност за иднината. Тоа значи да се обезбеди почитување на правата на луѓето и на правото на избор, но и решенија поврзани со подобрување на условите во образованието, здравството, пазарот на труд, доброто владеење и политичкото учество, зајакнувањето на системите за социјална заштита.

Решенијата, според Шаља – Плавјанска, не можат да бидат изолирани, туку усогласени. Доколку би постоело „магично стапче“ за решавање на проблемите во центарот би биле младите, нивното здравје и образованието. Тие би биле и ко-креатори на решенијата бидејќи, како што вели шефицата на канцеларијата на УНФПА, се многу умни, практични, брзи, отворени, ја разбираат инклузијата и човековите права и се во чекор со трендовите. Тоа треба кај нив да го поттикнеме, искористиме и со тоа да им овозможиме реализирање на нивниот потенцијал.

За демографските предизвици, трендот на намалување на населението во земјава, за тоа што властите прават добро, а каде грешат во справувањето со демографските промени, прочитајте повеќе во целосното интервју со Шаља – Плавјанска.