За задоцнето префрлање на пензиски придонес во втор столб, на секој иден пензионер му се закинуваат по 36 денари што би влегле во инвестициското портфолио, покажува грубата математика што ја направивме. Но, групно, на сите пензионери со доцнењето од два месеца во просек, им се закинуваат 360.000 евра

Државниот завод за ревизија алармираше дека над 42 милиони евра навремено не се префрлени во задолжителните приватни пензиски друштва. Овој податок е загрижувачки за идните пензионери. Тоа значи дека нивните пари не се инвестираат, а за тоа време и не се оплодуваат, па на нивните сметки има помалку пари од реално што би можело да има. Пензискиот придонес е уплатен од работодавачот, но парите се закочени во Министерството за финансии.

„Ревизијата укажува на слабости во начинот на пресметката и навремената уплата на придонесите за осигурениците во вториот пензиски столб. Иако Фондот ги изготвува пресметките и ги доставува до надлежното министерство во законски утврдениот рок, средствата не се трансферираат навремено, при што во 2024 година доцнењето изнесува во просек околу два месеца. Заклучно со 27.2.2026 година, утврден е долг од 2.592.918 илјади денари по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва“, пишува во Ревизорскиот извештај.

Според извештајот од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, на крајот од мај во задолжителните пензиски фондови има 634.804 членови. За секој од нив, 6 проценти од нивната бруто-плата треба да се уплати во задолжителниот фонд во кој членуваат. Раководејќи се од просечната-бруто плата, математиката покажува дека во просек за секој од нив би требало да се уплати по околу 4.400 денари. Месечно, за сите членови треба да се уплати околу 42 милиони евра, или точно колку што изнесува неуплатениот износ. Овој износ, според некоја груба математика, би требало да донесе месечен принос од околу 190.000 евра, или загубата на секој еден иден пензионер просечно месечно е околу 0,3 евра, или 18 денари. За два месеца, колку што е просечното доцнење, заеднички на пензионерите им се закинуваат 360.000 евра, или поединечно по 36 денари. Овој принос се додава на основицата. Потоа и новата сума се инвестира.

Смислата на овие приватни задолжителни пензиски фондови е токму инвестирањето на парите. Од инвестирањето голема полза има и државата, затоа што најголем дел од парите се инвестираат во државни хартии од вредност, па така тоа е сигурен систем за кредитирање. Граѓаните, пак, кои сакале или не, имаат приватни сметки во вториот задолжителен пензиски фонд, еден ден ќе бидат закинати за неостварениот принос затоа што парите не ги префрлило Министерството.

Зошто парите заглавуваат во Министерството за финансии?

Од Трезорот се исплатуваат сите државни обврски. Министерството за финансии е одговорно за ликвидноста на државната каса. Или, народски кажано, тоа одлучува дали и за што има пари, ако во моментот нема за нешто – тоа го одложува, како што е случајот со парите за задолжителните пензиски фондови. Во однос на пензискиот систем, упатените објаснуваат дека прво приоритет е исплатата на пензиите, па потоа исплатата на парите за Фондот за здравство затоа што и за пензионерите прво е исплатата на актуелните пензии. Одлуката на Министерството е кога нешто ќе исплати, независно од налозите. Придонесите преку Управата за јавни приходи стигнуваат до Министерството за финансии. ПИОМ прави пресметка и ја доставува до Министерството, и точно се знае колку пари одат во државниот Фонд за ПИОМ , а колку во задолжителните пензиски фондови.
Одговарајќи на пратеничко прашање за непрефрлените пари кон приватните фондови, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска рече: „Не ви е јасна функцијата на трезорот. Не знаете дека трезорот работи како шалтерски работник. Ако има пари, ќе плати“.

Таа топката ја префрли во Фондот за ПИОМ.

– Прашајте го за ова директорот на Фондот за ПИОМ. Ако одговорното лице прати повеќе налози, ние прашуваме кои се приоритетни. За периодот за кој зборувате, ни било кажано налозите за здравственото осигурување – рече министерката.

На нашето прашање, пак, во врска со наодите од Државниот завод за ревизија, од Министерството за финансии кусо ни одговорија: „Почитувани, во врска со вашите прашања, ве известуваме дека обврските за вториот пензиски столб се реализираат во согласност со динамиката на извршување на Буџетот“.

Од МАПАС за „Слободен печат“ објаснуваат дека тие како супервизор овие нераспределени пари ги третираат како побарување.

– За жал, тие пари не носат принос. Но, веќе немаме случаи како што имаше порано кога на сметката во Фондот за ПИОМ имаше нераспределени средства, односно не се знаеше чии се. Сега, точно се знае кој е работодавачот, за кого се уплатени парите, и за нив конкретно има побарување – вели Дарко Саздов од Советот на експерти на МАПАС.

Ако ги потрошите парите од приватниот фонд, нема да имате цела пензија

Животниот век се продолжува, но во приватните пензиски фондови има лични сметки на кои има онолку пари колку што се вложувани и дополнително се парите од приносите. Приватните пензиски фондови се еден вид инвестициски фондови. Кога преку пензиите ќе се испразни сметката, идните пензионери што ќе имаат подолг живот, ќе бидат препуштени само на државниот пензиски фонд.

– Вообичаено пресметката за влечење пари од Вториот столб е на 20 години, но секоја година се прави повторна проекција на износите. Тие средства во меѓувреме се инвестираат, финансиските пазари можат да ги оплодат дополнително. Сепак, постепено, износот се празни. За разлика од Првиот столб, каде што пензијата е дефинитивна, во Вториот столб зависи од уплатите. Колку порано сте влегле во системот, толку подобро – објасни Саздов за „Слободен печат“.

Заклучно со мај, инвестициското портфолио на доброволните пензиски фондови тежело 3,3 милијарди евра. Најголем дел од парите приватните задолжителни пензиски фондови ги пласираат во државните хартии од вредност. Со тоа ѝ позајмуваат пари на државата, што е сигурен пласман со гарантирани каматни стапки. Податоците што ги анализира Пари покажуваат дека во домашни државни обврзници, трите приватни задолжителни пензиски фондови: КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и Триглав отворен задолжителен пензиски фонд, заеднички пласирале 1,95 милијарди евра.