Евентуалните казнени тарифи на Европската унија за електричните автомобили од Кина би довеле до значителни промени на пазарот, а ефектите ќе ги почувствуваат крајните потрошувачи како повисоки цени, оцени германскиот институт за светска економија (IfW) од Кил.

Во средината на мај, САД воведоа високи казнени царини за кинеските е-автомобили и батерии за автомобили, полупроводници, соларни панели и други производи поради дампингот.

Во ЕУ, постои жива дискусија за тоа дали треба да го следат примерот na САД, а Европската комисија од 2023 година анализира дали Кина ја поткопува фер конкуренцијата на пазарот со државните извозни субвенции.

Според проекцијата на IfW, европските дополнителни тарифи од 20 проценти ќе доведат до намалување на увозот на е-возила од Кина за околу 25 проценти.

Претворени во речиси половина милион возила што ЕУ ги увезла во 2023 година, тоа би било за 125.000 возила помалку, со вкупна вредност од околу 3,8 милијарди евра, а меѓу тие возила и голем број европски марки кои се произведуваат во Кина.

Според симулацијата на институтот, недостигот може само делумно да се компензира со поголемото производство во ЕУ, а тоа би значело дека дел од претходниот извоз на ЕУ ќе мора да се пренасочи на домашниот пазар.

„За потрошувачите, крајниот резултат веројатно би бил повисоки цени за електричните автомобили, бидејќи производството во ЕУ е значително поскапо отколку во Кина поради цената на енергијата и материјалите“, вели експертот за трговија и истражувач на IfW, Џулијан Хинц.

Тој, сепак, додаде дека во никој случај не е сигурно дека европските производители ќе можат да ја пополнат празнината што произлегува и дека кинеските производители како што е BYD, исто така, ќе можат да ја задоволат побарувачката од новите производствени капацитети што ќе ги градат во Европа.

Според симулацијата, казнените царини би значеле и намалување на европскиот извоз во Кина во сегментот на автомобили и делови.

IfW нагласи дека не ги зема предвид можните кинески контрамерки во својата симулација.

Германија, чија силна автомобилска индустрија е најактивна на кинескиот пазар, најмногу се противи на царините.

Кина веќе предупреди дека ќе одговори со контрамерки што ќе ги погодат ЕУ и САД. Кинеското Министерство за трговија објави дека ќе го ограничи извозот на воздушната технологија од 1 јули.

Порталот Politico.eu, повикувајќи се на извори од Европската комисија, пишува дека властите во Пекинг испратиле долго писмо до комесарот за трговија Валдис Домбровскис во кое го изразуваат своето незадоволство поради истрагата на Комисијата и претстојната трговска војна.

Во писмото се наведува дека преговорите треба да доведат до свежи идеи за решавање на трговските спорови.

Во писмото, Прекинг не само што повика на „прекин на огнот“ и запирање на истрагата, туку се закани дека ќе возврати на авијацискиот и земјоделскиот сектор во Европа.

Мерките во областа на земјоделството сериозно би влијаеле на ЕУ бидејќи Кина е трет најголем извозен пазар за нејзините земјоделски и прехранбени производи. Мерките во авијацијата најмногу ќе го погодат европскиот производител на авиони Ербас, кој е главен снабдувач на кинескиот пазар.

Портпаролот Домбровскис потврди за Политико дека се работи на одговор на писмото.