Добротворната фондација на најголемиот светски продавач на мебел „Икеа“ и американската фондација „Рокфелер“ објавија дека годинава планираат да започнат фонд од милијарда долари, кој ќе инвестира во програми поврзани со обновлива енергија во земјите во развој.

Целта на фондот е да финансира програми за намалување на една милијарда тони емисии на стакленички гасови, како и зајакнување на една милијарда луѓе со дистрибуција на обновлива енергија, се вели во заедничкото соопштение на фондациите.

Секоја фондација ќе обезбеди 500 милиони американски долари како ризичен капитал. Тие се надеваат дека ќе привлечат дополнителни средства во вредност од 10 милијарди долари од меѓународните агенции за развој оваа година, пред да го отворат својот фонд за институционални инвеститори во обид да ги прошират инвестициите во обновливи извори во земји како Индија, Нигерија и Етиопија.

Фондациите веќе потпишаа договори со Меѓународната финансиска корпорација, финансиската подружница на Светска банка и Американската меѓународна развојна финансиска корпорација, се наведува во соопштението.

Икеа сака да биде климатски позитивна до 2030 година, а мнозинскиот сопственик на продавниците на Икеа, „Инга груп“, во април објави дека одвои четири милијарди евра за инвестиции во проекти за зелена енергија.