Финансиските извештаи од целиот свет пред неколку години укажуваа на зголемување на јазот меѓу богатите и сиромашните и на последиците за општеството од тоа.

Додека целиот свет е насочен кон човечките жртви на пандемијата на Ковид-19 и процесот на развој на вакцините, економските стручњаци ширум светот изразуваат голема загриженост за засега непредвидливите економски последици предизвикани од нарушување во многу деловни сектори.

Но, кој рече дека во пандемија не може да се заработи?

Додека илјадници луѓе во светот останаа без работа или со драстично намалени приходи има и такви кои енормно го зголемија своето богатство. Некои дури и неколкукратно го зголемија своето и онака големо богатство. Таков е случајот со технолошкиот магнат и сопственик на  „Tesla“ и „Spice X“, Илон Маск кој оваа година го зголеми своето богатство за над 100 милијарди долари, што го направи еден од тројцата најбогати луѓе во светот, објави „Forbes“ на својата листа на милијардери.

Во моментов е втор најбогат човек во светот, надминувајќи го најпознатиот член на оваа листа, Бил Гејтс. Илон Маск во моментов се наоѓа веднаш зад сопственикот на компанијата „Amazon”, Џеф Безос, кој веќе подолг период се наоѓа на врвот на листата на најбогати луѓе на светот.

Маск го мина и познатиот инвеститор Ворен Бафет и многу други. Овој податок е уште поимпресивен ако се има предвид дека Маск беше „само“ 28-ми на листата на најбогатите на почетокот на годинава со богатство од 32 милијарди.

Маск се покажа како вистински лидер, како претставник на новата, млада технолошка генерација, игнорирајќи ги сите негативни прогнози, кој направи чекор подалеку од сите други – тој го освои просторот со неговата компанија „Spice X“.

Сите предвидувања за успех и во иднина, засега, се на страната на Илон Маск.