Најбогатиот човек на светот и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск, заработи милијарда долари едноставно инвестирајќи во биткоини, додека милијардерот и коосновач на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, предупредува дека секој што нема богатство како производителот на електрични автомобили „веројатно треба да внимава“ при инвестирањето во криптовалутата, пренесува „Њузвик“.

Честите објави на Твитер за поддршка на криптовалутите, меѓу која и за доужкоин, криптовалута што беше лансирана како пародија, сугерираат дека Маск со насмевка оди во банка, додека Гејтс е загрижен за индивидуалните инвеститори кои можат да бидат заинтересирани и зачудени од неодамнешниот пораст на вредноста на биткоинот.

– Илон има многу пари и тој е многу софистициран, така што не сум загрижен за вредноста на неговиот посед во биткоини. Загрижен сум за оние кои се приклучуваат на ваквите трендови, но немаат доволно пари за инвестирање. Мојот став е, доколку не сте богати како Маск, не вложувајте или бидете многу внимателни – изјави Гејтс во интервју за „Блумберг“.

Различните ставови на Гејтс и Маск можеби се одраз на нивната генерациска разлика. Гејтс вели дека не инвестирал во Биткоин, претпочитајќи да ги вложува своите пари во компании „што создаваат производи“.

– Маск честопати е гледан како бунтовник кој не се грижи за правилата. Гејтс, кој исто така имаше сличен бунтовнички период, сега е поконзервативен и фокусиран на неговите филантропски должности – вели Џејсон Дин, биткоин-аналитичар од „Квантум економикс“.

Биткоинот оствари покачување на вредноста од 400 отсто во последните 12 месеци. Но, минатиот месец криптовалутата забележа пад од рекордните 58.356 долари на неодамнешниот минимум од 45.501 долари, односно пад од околу 22,3 отсто.

– Mожеби Гејтс смета дека следното поглавје во технички и финансиски развој во голема мерка е неважно за него, со оглед на долгиот список на неговите достигнувања, додека Маск смета дека криптовалутата е важен развој што лидерите во индустријата, меѓу кои е и самиот тој, едноставно мораат да го прифатат – објаснува Дин.

Разликата помеѓу новата понуда на биткоин и моментната побарувачка ги зголеми цените, особено затоа што големите компании инвестираа во криптовалутите.