Владата, министерствата и општините поседуваат вкупно 2.645 автомобили, од кои 2.008 се со набавна вредност од 33 милиони евра, додека за 637 патнички возила институциите немаат или не доставиле податоци за набавната вредност. Министерствата имаат 2.215 возила вредни 27,2 милиони евра, додека општините имаат 430 возила во вредност од 5,7 милиони евра. Просечна цена на купените патнички возила е 16.690 евра кај Владата и 15.051 евра кај општините. Просечна старост на возилата е 12,5 години. Оваа база на податоци е објавена во октомври 2018 година со поддршка на УСАИД, а од страна на Центарот за граѓански комуникации и нејзиното објавување беше вест број еден, затоа што и покрај секојдневното пишување во медиумите за набавки на нови скапи возила, како и злоупотреби од поединци на службените возила, на новинарското прашање поставувано до многу институции дали постои некаков централен преглед за бројот на државните возила – одговорот беше „не“.

Во април, 2019 година, пак, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) објави регистар на возила на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Според овој регистар, државниот возен парк заедно со оној на јавните претпријатија има 1.763 возила, но тука, како што е прецизирано ги нема возилата што се употребуваат 24 часа во текот на 7 дена.

Сепак, ниту едниот ниту другиот регистар не е системско решение за создавање една база на податоци, која постојано би се ревидирала и надградувала за да се има точна претстава за возниот парк во државата. Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски во интервју за ТВ Сител рече:

– Воспоставуваме регистар на службени возила за да имаме контрола врз користењето на тие автомобили, да знаеме кој, како, и какво право имаат лицата што ги возат и ги користат.

„Слободен печат“ побара повеќе детали околу тоа до каде е тој процес, дали веќе се попишуваат возилата, на кој начин ќе се регулира кој може да вози службено возило, ќе има ли отчетност за нивната употреба… Но, иако веќе има два регистра, еден од Центарот за граѓански комуникации и еден од Државната комисија за спречување на корупцијата, од кабинетот на вицепремиерот ни изјавија:

– За првпат воведуваме единствен регистар за службените возила, кој е во фаза на подготовка, со кој строго ќе се регулира начинот на користење на службените возила и ќе се знае кој, кога и на кој начин го користи службеното возило. Во врска со бројот на службени возила во институциите, нивната вредност, критериумите и контролните механизми, ве известуваме дека во моментов се вршат анализи и се собираат податоци за потребите на новиот регистар, кој се подготвува заедно со Законот.

Според образложението од кабинетот на вицепремиерот, овој единствен регистар ќе се прави според законски измени и потоа тој треба во континуитет да функционира.

– Со изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, ќе се обезбеди унифициран и единствен систем на водење на бази на податоци за користење на службените возила во државна и општинска сопственост, врз основа на утврдени стандарди и процедури, така што ќе се воведе регистар на возила. Со ова би се регулирал начинот на користење на службените возила и би се спречила злоупотреба на службените возила. Со усвоениот План за борба против корупцијата ставаме целосна контрола на користењето на службени возила – велат од Кабинетот на вицепремиерот Николовски.

Во последно време во јавноста не се присутни скандалите за злоупотреба на службените возила и за скапото подновување на возните паркови на функционери и директори на јавни претпријатија. Не може да се каже со точност дали короната го прекина тој долгогодишен тренд од минатото, или сепак, во институциите се воспостави построга контрола. Но, во годините наназад имаше безброј случаи на злоупотреби, па во јавноста кружеа фотографии како на полициски мотор се вози девојка на второто седиште, како со возило на Пошта се оди на плажа, како со општинско возило се оди на пазар, но во меморијата на граѓаните веројатно еден од највпечатливите случаи е службениот џип со кој ќерка на функционер од МВР, заедно со своите другарки, стигнаа дури на плажа во Грција!