Русија во моментов е шести по големина снабдувач на кокс и термички јаглен во Индија. Откако Москва ја нападна Украина на 24 февруари, големите земји како САД, Европската унија, Обединетото Кралство и Јапонија, меѓу другите, ја осудија инвазијата во Украина и воведоа строги и тешки санкции, објави livemint.com.

Министерот за челик на Индија Рамчандра Прасад Синг на денешната прес-конференција рече дека Индија се стреми кон продолжување на увозот на јаглен од Русија, што е спротивно на глобалниот тренд каде големите западни земји ја критикуваат инвазијата на Кремљ на Украина со воведување санкции, па дури и повлекување инвестиции.

Синг на конференцијата во Њу Делхи рече: „Се движиме во насока на увоз на кокс јаглен од Русија“, пренесува Ројтерс. Министерот изјави дека Индија планира да го удвои увозот на руски кокс јаглен, клучна состојка во производството на челик.