oil-wellЦените на нафтата се зголемиjа на светските берзи, откако новите податоци од САД покажаа постепено балансирање на пазарот во САД, со зголемување на побарувачката и пониското производство и залихи.

На лондонскиот пазар суровата нафта се зголеми за 98 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 52,90 $. На американскиот пазар се тргува за 1,18 $ повисока цена од 49,71 $.

Цената на нафтата доби поткрепа од податокот на Американскиот институт за нафта (API) дека залихите на сурова нафта минатата недела се намалиле за 1,2 милиони барели а се намалени и залихите на деривати.

Покрај тоа министерството за енергетика во извештајот проценува дека глобалната побарувачка на нафта за следната година треба да порасне најсилно во последните шест години, сигнализирајќи дека вишокот на понудата се намалува побрзо од досегашните проценки.

Меѓународната агенција за енергетика (IEA), советодавно тело на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) очекува светската побарувачка на нафта оваа година да се зголемува за 1,7 милиони барели дневно, најснажно по многу години, бидејќи потрошувачите реагираат на намалените цени на горивото со зголемени купувања.

Одделно, американското министерство за енергетика проценува дека следната година производството на нафта во САД ќе се намали на 8.86 милиони барели дневно, а оваа година тој просек изнесува 9,25 милиони барели дневно.