Годишната стапка на инфлација во еврозоната достигна рекордни пет проценти во декември, пред се поради наглиот раст на цените на храната и енергијата, соопшти статистичката агенција на Европската унија, Еуростат.

Ова е највисоката стапка на инфлација во 19 земји од еврозоната од почетокот на водење на евиденција во 1997 година.

Претходниот рекорд беше поставен во ноември, кога растот на малопродажните цени беше 4,9 отсто во однос на истиот месец во 2020 година.

Зголемените цени им создаваат проблеми на креаторите на политиката на Европската централна банка кои ги одржуваат каматните стапки исклучително ниски со цел да ја стимулираат економијата која се опоравува од пандемијата на коронавирусот.

И покрај брзото ширење на инфекцијата со омикрон и последиците по глобалната економија, централните банки надвор од ЕУ ги зголемуваат каматните стапки за да ја спречат зголемената инфлација или преземаат други чекори.