Годишната инфлација во Турција во април се забави на 43,68 отсто, според официјалните податоци, ублажувајќи ја пред изборите, за кои некои анкети покажуваат дека претседателот Таип Ердоган се соочува со можна загуба, пред се поради зголемените животни трошоци.

Нестандардното намалување на каматните стапки што го бараше Ердоган предизвика валутна криза кон крајот на 2021 година, што ја поттикна инфлацијата во Турција да скокне на 85,51 отсто минатата година, што е највисоко ниво во последните 24 години.

Во декември инфлацијата ослабе, а во март беше 50,51 отсто, благодарение на поволниот базен ефект и релативно стабилната лира, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.

Индексот на трошоците на животот во април покажа раст од 2,39 отсто во однос на претходниот месец, објави турскиот завод за статистика.

Кризата на трошоците за живот ги намали заштедите на домаќинствата, како и популарноста на Ердоган пред претседателските и парламентарните избори на 14 мај, кои се сметаат за најголем тест за неговото 20-годишно владеење.

Економистите велат дека инфлацијата може повторно да се зголеми. Халук Бурумчекчи од консултантската компанија Бурумчекчи консалтинг прогнозира дека годишната стапка на инфлација може да се забави до јуни. Некои економисти очекуваат враќање на стандардната монетарна политика по изборите, без оглед на нивниот исход, но Ердоган неодамна изјави дека каматните стапки ќе продолжат да паѓаат се додека тој е на власт.