Кога инфлуенсерите и јутуберите рекламираат производи или услуги од домашни фирми треба да имаат склучено договор за повремено или привремено вршење на услуги или авторски договор. За секоја реклама треба да има договор и секој исплатувач треба да го задржи и да го плати данокот, велат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Скандалот со интервјуто на јутјуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас за кое Скопското обвинителство поднесе обвинение против двајцата за промоција на насилство врз жени, отвори дилеми околу начинот на кој се исплаќаат инфлуенсерите и дали има даночно затајување. Сето тоа е еден вид сива зона во која не се снаоѓаат најдобро ни компаниите, ни маркетинг агенциите, ни авторите, но ни даночните власти, затоа што феноменот на инфлуенсери е релативно нов во светот, па различни земји различно го третираат овој вид рекламирање кога станува збор за оданочување.

Од маркетинг агенциите со кои разговараше САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека самите компании бараат во медија планот да има и рекламни објави и кај инфлуенсери на Јутјуб, Инстаграм и на Твитер, што е малку проблематично. Со традиционалните или онлајн медиумите е полесно, затоа што се знае нивната уредувачка политика, додека кај инфлуенсерите не си на чисто за содржината што се појавува на нивните канали и секогаш се можни непријатни изненадувања што ќе го нарушат и имиџот на клиентот.

„Сè е ок додека не дојде до ваква ситуација како што беше скандалот со промовирање насилство врз жени и тогаш се создава криза и кај компаниите, кои во принцип треба да се претстават како општествено одговорни“, велат од маркетинг агенциите.

Затоа, велат тие, колку се инфлуенсерите релевантни секоја компанија треба сама да си процени и тоа е нивен ризик. Сериозни фирми внимаваат и дали инфлуенсерот претходно рекламирал конкурентски производи, но многу често компаниите и сами инсистираат да спонзорираат одредена личност, без да помине на проверка кај маркетинг агенциите и без проценка на која публика се обраќа.

Посебно е проблематично кога не се рекламира одреден производ, нема ни слика, ниту бренд, туку се водат кампањи против некои конкурентски производи или услуги и не се знае кој плаќа за тоа. Обично такви антикампањи се водат на твитер, се оцрнува конкуренцијата, но нема ниту слика, ниту име на тој што ја нарачал кампањата, а и твитер профилите се со измислени имиња.

Многу од инфлуенсерите прифаќаат да работат и само за подароци, како козметички производи, парфеми, храна, патувања, спонзорирана членарина за фитнес клубови… Но, и во тој случај, даночните власти велат дека секако се работи за трансакција и мора да се плати данок.

Фирмите треба да плаќаат данок и на производите или услугите кои што им ги даваат на инфлуенсерите како подароци за да ги рекламираат. Секое давање на пари, спонзорство, во натура или хартии од вредност се даночи и кога се работи за компензација со производи или услуги мора да се пресмета данок, предупредуваат од УЈП на можно даночно затајување и од компаниите и од рекламерите.

Фирмите имаат обврска во име и за сметка на инфлуенсерот да го пресметаат и платат персоналниот данок, додека инфлуенсерите имаат обврска да си проверат во даночната пријава дали е сè платено како што треба.

Во случај инфлуенсерите да имаат годишни приходи над 2 милиони денари стануваат ДДВ обврзници и освен персоналниот данок си плаќаат и ДДВ на државата.

И за исплатите од странство, на пример, приходите од монетизација од Јутјуб, физичките лица имаат обврска секој месец да направат аконтативна пресметка за приходите и да уплатат соодветен данок.

Што се однесува до поставувањето банери на компании или брендови, за тоа инфлуенсерите, исто како и порталите, мора да имаат финансиско покритие со направена нарачка од компанијата за конкретен период, идејно решение, фактура во која е пресметан и данок на додадена вредност. Во последните случаи, со јутјуберот што го објави интервјуто со Латас, или со интернет страницата Доказ, каде што сопственокот е објвинет за повеќе кривични дела, компаниите чиишто брендови стоеја на нивните објави велеа дека тие се поставени без нивна согласност.

Адвокатите со кои контактиравме велат дека компаниите треба да си преземат мерки навремено, а не дури откако рекламерот ќе направи белја. Ако инфлуенсерите или порталите постават банер на своја рака, фирмите треба да пријават во Секторот за компјутерски криминал во МВР за неовластено користење на заштитена трговска марка, што е кривично дело казниво со парична казна, но и казна затвор до три години.