Во Македонија според ДЗС, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, за февруари 2023 година достигна 33.720 денари. Статистичарите, исто така, пресметаа дека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, за вториот месец од годинава изнесува 50.486 денари. Секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности останува во врвот на професиите кои што земаат високи плати. Просекот се движи околу 90 илјади денари, иако многумина од информатичарите земаат и над 100 илјади денари.

Во Македонија просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, за февруари 2023 година достигна 33.720 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2023 година, во однос на февруари 2022 година е во пораст и изнесува 113. Статистичарите исто така пресметаа дека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, за вториот месец од годинава изнесува 50.486 денари.

Како што појаснуваат од ДЗС, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во повеќе сектори, но најмногу во Градежништво каде што растот достигнал 21,3 %, потоа Информации и комуникации со раст од 18,5 % и категоријата Објекти за сместување и сервисни дејности со храна каде што платата пораснала за 16,5 %.

Но, статистичарите регистрирале и намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец и тоа секторите Транспорт и складирање за 9,9 %, Рударство и вадење на камен за 9,5 % и дејностите кои се однесуваат за Недвижен имот каде што намалувањето е 5,1 %.

Секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности останува во врвот на професиите кои што земаат високи плати. Просекот се движи околу 90 илјади денари, иако многумина од информатичарите земаат и над 100 илјади денари. Речиси на исто рамниште се и банкарите, фармацевтите, а по нив со просек од околу 70 илјади се вработените од секторот Воздухопловен транспорт и енергетиката.

Статистиката ги регистрира и најниските плати од 21 до 23 илјада денари кои се во секторите Заштитни и истражни дејности, Услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување, како и секторот Одржување на животната средина и природата. Со ниски плати се и вработените кои работат во секторот Производство на кожа и текстилните работници.

Од друга страна, пак, Агенцијата за вработување најмногу нуди вработување за професиите од услужните дејности, како што се продавачки во маркети, келнери, пица-мајстори, туристички работници, возачи и занаетчиски професии. Во изминативе месеци токму овие профили на кадри заминуваат од Македонија во странство, а како омилена туристичка дестинација за нив е Хрватска.

Последниот сет податоци за бројот на невработени лица во земјава, кој го објави Агенцијата за вработување, во евиденција стои дека на крајот на месец февруари имало 17 доктори на наука кои се невработени, а од нив десет се жени. Во Агенцијата како невработени се регистрирани и 622 магистри, од кои што 400 се жени-магистри.

Сепак, загрижува самиот факт што наспроти поплаките на работодавците дека не може да се најдат соодветно квалификувани кадри, ние имаме невработени лица чиј процент на ниво на целата земја е околу 18 отсто. Структурата на овие невработени во Македонија во моментов е многу лоша, бидејќи работа бараат работа лица што се без образование или се со основно образование. Со ваков профил на неоформено образовани се над 64 илјади невработени граѓани.