Компаниите членки во МАСИТ ќе може да ги користат капацитетите на ИНОФЕИТ Дигитален Иновациски Хаб (ДИХ) за да станат поконкурентни. ИНОФЕИТ и МАСИТ денес потпишаа меморандум за соработка со кој се овозможува компаниите преку ДИХ да воведат нови технолошки решенија кои ќе им го олеснат работењето. Дигиталниот иновациски хаб, односно ДИХ, претставува иновативен центар за дигитални иновации и е one-stop shop каде со техничка експертиза и експериментирање им се помага на компаниите преку користење на дигиталните технологии да станат поконкурентни и да ги унапредат деловните или производните процеси, како и производите или услугите. ИНОФЕИТ е центар за трансфер на технологии и иновации на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Меморандумот за соработка го потпишаа продеканот за финансии и соработка со стопанство на ФЕИТ и управител на ИНОФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски и претседателката на Управниот одбор на МАСИТ Анета Антова Пешева.

„ИНОФЕИТ е добитник на грант од ФИТР за подигнување на капацитетот како ДИХ и во рамките на тој проект првата активност е градење партнерска мрежа. Токму во тој контекст го потпишавме меморандумот со МАСИТ. Компаниите можат да тестираат пред да инвестираат користејќи модерни дигитални технологии со што се намалуваат трошоците за креирање нов производ, но и се забрзува процесот на комерцијализација на иновација. Односно една од основните активности на еден ДИХ, да ги обедини индустријата и администрацијата на кои им требаат нови технолошки решенија од една страна, со компании, особено SME и стартапи, кои имаат решенија подготвени за пазарот од другата страна“, вели продеканот за финансии и соработка со стопанство на ФЕИТ и управител на ИНОФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски.

Претседателката на Управниот одбор на МАСИТ Анета Антова Пешева потенцираше дека со потпишувањето на Меморандумот се подигнува нивото на соработка помеѓу приватниот сектор и Академијата преку трансфер на знаења, технологии и иновации.

„МАСИТ и ФЕИТ имаат долгогодишна плодна соработка, а во овој момент се радуваме што истата ќе ја прошириме и официјализираме токму со потпишување на овој договор.
Овој Меморандум е во однос на прашања од  заеднички интерес кои се засноваат и се однесуваат на користење на научни, стручни, технички и просторни ресурси, насочени кон унапредување на образовните, истражувачките и применети теренски истражувачки активности од областа на електротехниката и информациските технологии. Во тесна соработка помеѓу МАСИТ и INNOFEIT ќе биде развивана мрежата за воспоставување на екосистем во склоп на кој млади компании ќе имаат можност да ги тестираат своите иновации и истите ќе имаат можност да ги носат кон следната фаза на комерцијализација. Сето ова ќе биде реализирано во рамките на првиот македонски Digital Innovation Hub (DIH) етаблиран од страна на ФЕИТ“, рече претседателката на Управниот одбор на МАСИТ Анета Антова Пешева.

ИНОФЕИТ ДИХ ќе ги спои индустриските кластери, здруженијата на мали бизниси, стопанските комори, инкубаторите, акцелераторите, локалните претставништва на EEN (Enterprise Europe Network) и слични организации преку креирање конзорциум од партнери со потпишување на Меморандуми за соработка. Ова ќе влијае и на истражувачите во ИНОФЕИТ, континуирано да ги следат и применуваат најновите дигитални технологии како и да се зголемува нивниот број. Очекуваните добивки од соработката, според проф. д-р Атанасовски се трансфер на технологии, дигиталната трансформација на општеството, но и спречувањето на одливот на високо квалификуван кадар во странство.

ИНОФЕИТ е првиот и единствен целосно оперативен ДИХ во државата и како таков е наведен во каталогот на JRC: https://s3platform.jrc.ec.europa.eu/digital-innovation-hubs-tool/-/dih/20408/view. Во центарот постојано се вложува да се подигне капацитетот на повисоко ниво. Преку поддршка од ФИТР, во ИНОФЕИТ ДИХ веќе се воспоставува современа Internet-of-Things (IoT) лабораторија која ќе може да ја користат академскиот кадар и студентите на ФЕИТ и УКИМ за развој на нови и иновативни дигитални решенија, но и заинтересираните компании за дигитална трансформација заради трансфер на технологија. Лабораторијата треба да биде центарот што ќе го поттикне трансферот на технологии од академијата кон индустрија на национално, регионално и меѓународно ниво. Фокусот на истражувањата и развојот ќе биде на апликативни ИКТ сервиси базирани на вмрежени IoT системи за идни дигитални општества што е во тесна корелација со стратегијата за паметна специјализација во државата.