Италијанската банкарска групација „Интеса Санпаоло“ понуди околу 34,5 милијарди евра за преземање на „Монте деи Паски ди Сиена“ (MPS), но раководството на банката што е цел на преземањето смета дека понудената цена не ја одразува целосно нејзината вредност. Иако финансиските советници ја оценија понудата како прифатлива, Управниот одбор предупредува на повеќе ризици и засега не им препорачува на акционерите ниту да ја прифатат ниту да ја одбијат.
Според официјалното соопштение објавено во саботата, 21 ноември, раководството на MPS ги разгледало подобрените услови на понудата и проценките на финансиските советници. Понудениот надоместок е оценет како финансиски соодветен според вреднувањето од 18 ноември, но Управниот одбор нагласува дека „не ја одразува целосно вредноста на групацијата MPS и нејзините перспективи за раст и создавање вредност“.
Една од главните забелешки се однесува на премијата од 15,3 отсто, која, според MPS, е значително пониска од просечните 30 отсто кај споредливи банкарски преземања во Италија. Управата посочува и дека понудата на 18 ноември вредeла помалку од пазарната цена на акциите на банката, а дополнителна неизвесност претставува остварувањето на најавените финансиски придобивки од спојувањето, проценети на околу 2,9 милијарди евра годишно пред оданочување.
Според условите, акционерите на MPS за секоја своја акција би добиле по 1,25 евра во готовина и 1,664 акции на „Интеса“. Околу 88 отсто од понудениот надоместок е во акции, што значи дека неговата конечна вредност ќе зависи и од нивната цена на берзата.
Акционерите ќе можат да ја прифатат понудата од 24 ноември до 22 јануари 2027 година. „Интеса“ настојува да обезбеди најмалку 66,67 отсто од капиталот, со можност прагот да го намали на 50 отсто плус една акција. Најголемиот акционер на MPS, инвестициската компанија „Делфин“, веќе презеде обврска да ја прифати понудата за својот удел од 17,6 отсто, под утврдените услови.
Несогласувањата околу преземањето доведоа и до оставка на Корадо Пасера, член на Управниот одбор на MPS, кој во петокот ја напушти функцијата поради „длабоко несогласување“ со понудата.
Доколку зделката се реализира, според проценките на „Интеса“, би се создала втората најголема банкарска групација во еврозоната според берзанската капитализација, со повеќе од 27 милиони клиенти. Планот предвидува и продажба на дел од работењето на MPS, вклучително и околу 635 филијали, на „Унипол“. Иако „Интеса“ веќе ги доби потребните претходни секторски одобренија, вклучително и од Европската централна банка, преземањето сè уште не е завршено и зависи од преостанатите регулаторни постапки и од одлуките на акционерите.