За да видиме како одеднаш сите станавме ‘инвеститори’ вклучувајќи ја и тетка Биле (да бидеме реални, сите знаеме барем по една тетка Биле во фамилија), мораме да се вратиме малку назад во историјата.

Периодот после Втората Светска војна. Турбулентен период во САД, со примеси на класна војна. Унионизацијата (синдикалното организирање) стана се понагласено. Голем број на Американци се вратија од Европските воени фронтови и прашањето беше каде да бидат пласирани? Има разлика меѓу мирнодопска економија и воена економија а сега откако војната беше завршена се постави прашањето што да се прави со воените капацитети и со ново вратените војници кои сега повторно беа обични луѓе и учесници во економски натпревар – за кој не беа добро потковани..

Тогашната влада излезе со спогодба – чувајте си ги синдикатите, но не инсистирајте понатаму, Во замена имате гаранција дека порастот на продуктивноста ќе биде придружен со еднаков пораст на платите. Значи – класичен Кејнзијанизам по примерот на Рузвелтовата Нова спогодба (New Deal) од 1930-тите.

Спогодбата работеше добро – поради тоа што следните 30 години беше златна доба за Американската економија a капитализмот продуцираше огромна маса на нова вредност. Но и заради тоа што спогодбата не беше така сеопфатна како што навидум изгледа. Наскоро и другите посакаа да бидат дел од спогодбата што гарантира минимум куќа, гаража, автомобил, двете деца на факултет, нешто што до пред само 20 години се сметаше неизводливо за поголем дел од популацијата.

Спогодбата беше подоцна модифицирана од страна на Маргарет Тачер и Роналд Реган. Двајцата се изјаснија искрено и реално – Американскиот сон не е изводлив за секој и за сите – Еве ви максимум политички права (латино, црнци, феминисти) но без економски. Линеарната врска помеѓу продуктивноста и платите беше прекината. Наместо тоа, на работниците им беше понудено нешто друго – шанса да купат парче од капитализмот. Стани инвеститор и инвестирај си го патот кон просперитет. Купи акции. Купи делче од фирмата кадешто работиш. Купи парче од капитализмот. Стани минијатурен капиталист.

Овој тренд е денес познат како демократизација на финансиите или финансијализација на индустријата. Значи во суштина, секој е поканет да стане рентиер – да купи акции, за да добие дивиденда, да купи депозит за да добие камата. Што ме потсеќа на нешто што Кејнз го има напишано:

И така го сметам рентиерскиот аспект на капитализмот како транзициска фаза, што ќе исчезне откако ќе си го сработи своето. Со исчезнувањето на рентиерот сé останато ќе добие коренита промена. Еутаназијата на рентиерот, на нефункционалниот инвеститор нема да биде нешто ненадејно – и нема да биде потребно револуција.

 

Наместо да исчезне, рентиерството стана типична нормална појава. Чудно како на повеќе наврати Кејнз ме потсеќа на Карл Маркс. И Маркс го посочува капитализмот како привремена фаза кон нешто друго. И Маркс во 1850тите посочува дека револуција може и нема да биде неопходна, за да не доживее да види дека револуција и тоа како се случи, и плус тоа не онаму каде што прогнозираше (во развиените капиталистички општества), туку во неразвиената, аграрна Русија.

Кејнз го смета рентиерот за нефункционален ентитет, за излишност. Според него професионалниот инвеститор или алокатор на капитал и анализите што типично ги реализира се помалку посакувани од современа тетка Биле што ‘инвестира’ во Доџкоин или слична меме-крипто валута на база на Фејсбук коментар?

И ова модифицирана верзија на пост-воената спогодба работеше добро извесен период. За да се охрабри рентиерскиот аспект, беа намалени каматните стапки, беа понудени багателни хипотеки за рефинансирање на стамбени објекти бидејќи куќата е она во што обичниот човек врзува најголем дел од својата нето вредност и е негова директна врска со рентиерската филозофија – се до 2009 година. Светската Финансиска криза. Годината на контракција. Хронична депресија од која светот сеуште не успева да закрепне. Болест од која капитализмот и неговите продуктивни својства се уште не може да се опорави.

Тука стигнуваме до една опасна иронија. Фактот што тетка Биле мора да се стори ‘инвеститор’ за да врзе месец со месец се припишува како капиталистички проблем. Социјализмот повторно станува атрактивна опција за младите. Се формираат Црвени младини. Неолиберализмот односно финанcијализацијата на економијата се поистоветуваат со (злобен, експлоататорски) капитализам, без притоа да се има во предвид дека капитализмот и неолиберализмот се две различни работи, дека капитализмот до некаде се повлече на заден план уште од 1971 година кога Ричард Никсон го укина Златниот стандард и нé воведе во ерата на рамни валути (fiat currencies).

Ранетиот капитализам и неговата евтина замена – финансијализацијата, е проблем што го забележуваат се поголем број луѓе – антрополози, технолошки претприемачи, автори. Сега починатиот Арон Шварц, основачот на Reddit жали за фактот што се повеќе луѓе се опседнати со тргување (flipping numbers), за фактот што во 1960-те сон за најголем дел од младите беше да креираат ракети за да после 30 години, нивен најголем сон да биде да работат во хеџ фонд. Авторот на The Conservative Nanny State повикува на прогресивно даночење на финансиски тргувачи што надминуваат одреден број на трансакции на годишно ниво.

Нивната порака е слична – потребно ни е повторно да ни се врати продуктивниот капитализам, оној што создава, наместо неговата сегашна финансијализирана верзија.

Потребни ни се продуктивни луѓе, не жонглирачи на бројки. Финансиските тргувачи се неопходни како ефективни алокатори на капитал и имаат своја важност во поголемиот контекст на нештата но кога тетка Биле ти предлага да купиш Доџкоин, тогаш имаме проблем.

Затоа не сум толкав ентузијаст околу прекрасните иновации што се случуваат во полето на финансиската инклузија. Да, финансиите се поинклузивни, но дали се? Обичниот човек сеуште нема добиено плата во крипто, и притоа да ја осети убавината  кога не би морал да даде дури и примерок од мокрача кога и да добие прилив од странство да во случај ја има таа среќа да биде роден во неразвиена земја, не толку интегрирана во светските финансиски текови. Наместо да ја осети вистинската убавина на крипто, обичниот човек се опседнува дали Доџкоин ќе помине над $1.

Инвестирањето се сметаше за професионално занимање за да денес секој може да си го препише тој моникер. Да, станува се полесно и од Македонија да се купи акција од Apple, но што кога 99/100 не знаат што е Р/Е ratio, камоли да имаат прочитано годишен извештај. Пасивен приход стана секојдневна мантра, но кај финансиски здравата индивидуа, пасивниот приход е мала ставка во однос на неговиот активен, примарен приход, што го стекнува преку своите продуктивни капацитети. Ако спротивното е случај, имаш сериозен проблем.

Финансиската инклузија е прекрасна работа. Но нус ефектот е значаен. Леснотијата на Robinhood app и крипто не замајува сите во привиден прогрес, наместо да се освестиме и да го побараме проблемот онаму кадешто вистински лежи.  Дури би отишол дотаму што би кажал дека финансиските иновации се евтина замена за ова што вистински треба да биде направено – наместо да бараме продуктивен капитализам, наместо да го растеме колачот, најдоброто што можеме да го сториме деновиве е да демократизираме распределба на веќе постојниот колач, без оглед колку фенси и иновативно изгледа тоа со алатките за ‘инвестирање’ со еден клик.

 

Пишува : Блаже Аризанов