Министерството за финансии  ги објави податоците за извршување на буџетот за февруари 2017 година. Според истиот, капиталните инвестиции за првите два месеци од 2018 година изнесуваат минимални една милијарда денари или само 4,23% од планираните за цела 2018 година.

 

 

Ако споредиме со 2017 година се забележува огромно намалување, односно во истиот период од 2017 година капиталните трошоци изнесувале 2,8 милијарди денари (15% од вкупно планираните) или 2,8 пати повеќе од 2018 година. Ваквите бројки во 2017 година биле постигнати во услови на кулуминација на политичката криза.

 

 

Што значи вакво катастрофално (најверојатно најслабо во историјата на РМ) извршување на капиталните трошоци во буџетот. Да потсетиме, покрај капиталните инвестиции кои се реализираат директно од буџетот на РМ, преку капиталните расходи се кофинансираат и голем број проекти финансирани од различни донатори (ИПА фондови од ЕУ и слично). Ваквото ниско извршување на буџетот значи дека нема речиси никаква градежна активност односно дека во Република Македонија не само што не се реализираат проектите финансирани исклучиво од буџетот, туку застанати се проектите и кои ги кофинансираме заедно со меѓународните институции.

 

 

Поточно, не само што е закочена изградбата на автопатиштата (веќе десет месеци) туку и нема повлекување на средства од одобрените кредити како што е кредитот за рехабилитација на патиштата во РМ финансиран од ЕБРД, проектот за рехабилитација на железничката пруга Куманово Бељаковце и многу други кои се презентирани на интернет страната на Јавното претпријатие за државни патишта, како и на Владата на Република Македонија.

 

 

Ваквите ниски износи на капиталните трошења во буџетот, дополнително значат низок раст на Бруто домашниот производ за првиот квартал од 2018 година. Имено и тие 1 до 3% кои ќе се остварат (најверојатно и помалку), ќе бидат исклучиво резултат на новите извозни капацитети во ТИРЗ зоните кои сегашната влада воопшто не ги цени.

 

 

Но и тука ситуацијата станува алармантна, односно нови инвестиции нема, а досегашните веќе го достигнуваат максимумот на производство.