Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците производители на полјоделски култури дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој извршила исплата на субвенциите за полјоделски култури.

Исплатена е финансиска поддршка од 422,4 милиона денари за над 24.000 корисници.

Како корисници на финасиската поддршка се јавуваат земјоделските стопанства, кои во 2021/2022 година имаат засеани и ожнеани површини со полјоделски култури. Висината на поддршката изнесува 6.000 денари за хектар, освен за сончоглед и афион, каде што поддршката изнесува 8.000 денари за хектар, и поддршката за ориз, која изнесува 18.000 денари за хектар.

Претходно, АФПЗРР навремено изврши исплата и на субвенциите кај лозарите во вредност од 597 милиони денари до 14.830 лозаропроизводители. Дополнително, во следниот период АФПЗРР продолжува со обработка на барањата за исплата на субвенциите кај растителното и сточарското производство по што ќе следува и нивна исплата.

Земјоделството е главен приоритет на Владата. Преку досега најголемиот земјоделски буџет вреден 200 милиони евра обезбедени се средства за редовна и навремена исплата на субвенциите за сите земјоделци.