Дојче банк со години профитирала од руски олигарси и покрај интерните предупредувања за ризиците. Руската инвазија врз Украина на крај ја принуди банката да ја преиспита таа политика.

Кога Русија во февруари 2022 година ја почна својата целосна инвазија врз Украина, во Дојче банк веднаш се вклучи алармот. Новите западни санкции ја ставија банката пред проблем што го градела со години: нејзината долга и профитабилна соработка со руски олигарси.

„Како што знаете, имаме голем број руски олигарси меѓу клиентите“, напишала експертка за спречување финансиски криминал во интерна електронска порака. Таа прашала од кои клиенти банката може да се откаже и дали треба да им се советува да ги повлечат парите „додека сѐ уште можат“.

Тоа било почеток на бурно преиспитување на политиката кон Русија. Меѓу клиентите биле милијардерите Олег Дерипаска и Виктор Векселберг. Интерни документи покажуваат дека службите за ризик со години предупредувале на опасностите од таквите врски, но интересот за профитабилниот руски бизнис редовно надвладувал.

Овие сознанија произлегуваат од повеќе од 15 милиони интерни документи, меѓу кои доверливи извештаи, електронска кореспонденција и записници од состаноци. Документите ги добиле новинарите Џози Џозеф и Кадиџа Шариф, а ги анализирал конзорциум од повеќе од 200 новинари, меѓу кои и новинари на „Њујорк тајмс“ и германски Дер Шпигел и ЦеДеЕф.

Истражувањето покажува како банката продолжувала да им нуди услуги на руски милијардери и покрај предупредувањата дека може да биде изложена на финансиски криминал и санкциски ризици. Дојче банк, пак, наведува дека постапувала законски, никогаш не им помагала на клиентите да ги избегнат санкциите и по нападот врз Украина брзо ги спровела новите рестриктивни мерки.

Познат ризик, привлечен профит 

Дојче банк има повеќе од еден век долга, со прекини, историја во Русија. Колку значајна станала банката покажува и средбата на тогашниот директор Јозеф Акерман со Владимир Путин во Москва во 2008 година. Путин тогаш ја нарекол банката „мост меѓу руската и германската економија“.

Но, зад деловниот оптимизам растеле сомнежите. Во 2014 година интерен комитет за репутациски ризик ги рангирал руските олигарси според опасноста за угледот на банката. На врвот бил Дерипаска. Во извештај биле наведени сериозни обвинувања против него, а одделот за спречување финансиски криминал препорачал прекин на односите во случаите во кои тој имал контрола.

Други делови од банката гледале поинаку. Еден документ го опишувал Дерипаска како „угледен бизнисмен и добро етаблиран деловен партнер“, со потенцијал за идни зделки. Победил комерцијалниот аргумент.

Интерна презентација од 2015 година тоа го формулирала уште појасно: „Руските милијардери значително придонесуваат за нашиот успех“. Богатите Руси биле сметани за столб на растот во управувањето со богатството.

Истовремено, Дојче банк минувала низ низа регулаторни скандали. Во случајот познат како „mirror trading“, американските и британските регулатори ја обвинија дека преку Русија биле испрани до десет милијарди долари. Во 2017 година банката плати стотици милиони долари за спогодба.

Но, наместо целосно повлекување од ризичниот руски бизнис, банката се концентрирала на најбогатите клиенти. Кога САД во 2018 година воведоа санкции против седум богати индустријалци блиски до Кремљ, петмина од нив, лично или преку деловни врски, биле клиенти на Дојче банк, покажуваат интерните документи.

Ризикот бил препознаен и на највисоко ниво. На состанок на комитетот за ризици на Надзорниот одбор во 2019 година советник предупредил: „Ако се покаже дека некој од клиентите е проблематичен, загубата ќе биде многукратно поголема од приносот“.

Руски клиенти под сѐ поголем надзор

Во 2020 година надворешни правници ангажирани од сојузната држава Њујорк ѝ препорачале на Дојче банк сериозно да размисли за затворање на сите операции и услуги поврзани со Русија. Сепак, врските продолжиле.

Во меѓувреме, сметки на руски олигарси биле префрлани во Луксембург и Швајцарија. Дојче банк вели дека таму ги концентрирала своите клиенти од сегментот за управување со богатство во согласност со практиките во индустријата, а не само руските клиенти, и дека тие биле подложени на сите потребни проверки.

„Russia Strategy Review“ од ноември 2020 година утврдил дека 17 руски клиенти на банката се наоѓале на таканаречената „Кремљ-листа“ на американското Министерство за финансии со 210 високи функционери и олигарси. Документот истовремено укажувал на зголемен ризик од перење пари и санкции и на „релевантноста и профитабилноста на рускиот пазар“.

Дури и во 2021 година банката разгледувала внимателен раст во Москва. Во интерен документ било наведено дека Дојче банк и натаму е задоволна со своето присуство и деловниот модел во Русија.

Инвазијата ја менува сметката

По рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, ситуацијата драматично се промени. За само три дена следувале десетина пакети санкции. Еден банкарски функционер ситуацијата ја опишал како „невидено сложена“ и речиси „неуправлива“.

Дополнителен притисок дошол од американското Министерство за правда. Врз основа на претходна спогодба со банката, обвинителите побарале информации за санкционирани руски клиенти, состојбата на нивните сметки и мерките за следење на руските парични текови.

Интерната кореспонденција покажува дека префрлањето на дел од сметките во Швајцарија и Луксембург создало правни ограничувања за откривање податоци поради банкарската тајна. Дојче банк соопшти дека ги исполнила обврските од договорот со американските власти.

Во Германија, во меѓувреме, политиката кон Москва радикално се менуваше. Владата почна да испорачува оружје за Украина, ги поддржа европските санкции и го запре гасоводниот проект „Северен тек 2“.

На 10 март 2022 година директорот на Дојче банк, Кристијан Зевинг, сепак им порачал на вработените дека целосно повлекување од Русија би било спротивно на вредностите на банката бидејќи дел од клиентите не можеле преку ноќ да ја напуштат земјата.

Истиот ден Џеј-Пи Морган Чејс и Голдман Сакс најавија повлекување од Русија. Само еден ден подоцна Дојче банк го смени курсот и објави дека постепено ќе ги прекине своите активности таму.

„Нема да има нов бизнис во Русија“, соопшти банката.

Со тоа заврши една долга деловна стратегија во која предупредувањата за репутациски, санкциски и финансиски ризици со години се судираа со еден силен аргумент: профитабилноста на рускиот пазар.