Во Собранието конечно денеска се изгласаа двата закони со кои треба да се обезбеди финансиска помош за исплата на плати на работниците и на самостојните вршители на дејноста.

Со Предлог-законот за финансиска помош на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, помош за платите на работниците, за овие месеци, ќе имаат оние фирми кои имаат намалувања на месечниот просек од вкупните приходи остварени во периодот од април годинава заклучно со октомври, односно заклучно со ноември, или декември, во однос на истиот период лани. Притоа, за намалување на приходите од 30 до 45 отсто, помошта по работник е 14.500 денари, за намален приход од 40,01 до 50 проценти поддршката е до 15.955 денари, за намалување од 60,01 до 70 отсто помошта е 18.856 денари, од 70,01 до 80 проценти – 20.320 денари и за намален приход од над 80 отсто, износот на финансиската поддршка е до 21.776 денари.

Услов за добивање помош е и задржување на истиот број работници како во август освен во случаи на смрт, пензионирање, спогодбен раскинување…

Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската седница упати критики во однос на овој критериум. Според него, неоправдано е ако некој што имал финансиски загуби и не можел да ги задржи сите вработени, сега не може да користи финансиска помош. Му реплицираше пратеникот Панчо Минов од СДСМ, кој посочи дека тие што ќе ги вратат на работа испуштените работници, ќе може да аплицираат за мерката.

Помош не може да се користи за оние со плати повисоки од 39.900 денари, а не следува ни на фирми што ќе исплатат дивиденда или друг вид награда за успешност до декември.

Со Предлог-законот за финансиска помош на самостојните вршители на дејност е предвидена финансиска помош од 17.410 денари за месеците октомври, ноември и декември, а услов се намалени приходи за најмалку 30 проценти.