Потпишан договорот за надзор над изградбата на Коридорот 8 и 10-Д а утре започнуваат преговорите со американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка кој што ќе ги гради четирите автопатски делници во должина од над 120 километри. Премиерот Ковачевски рече дека овој проект кој е најголем капитален инфраструктурен проект и дека преку вакви инвестиции се овозможува побрз економски развој на земјата.

„Изградбата на автопатските делници на Коридорите 8 и 10 е од клучно значење за подигнување на нивото на квалитет на патната инфраструктура и сообраќај со што уште ќе ја истакнеме геостратешката позиција на Република Северна Македонија која преку овие проекти ќе стане неизбежна транспортна рута од значење на регионот но и пошироко“, вели Димитар Ковачевски.

Овој ден го чекавме година и половина и ова е историски ден со стартот на најголемиот инфраструктурен проект во земјава, истакна Артан Груби прв вицепремиер и претседател на Управувачкиот комитет за овие проекти.

„Денеска навистина е историски ден за Република Северна Македонија, како што рече и премиерот започнуваме изградба на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на независна Република Македонија кој што ќе биде многу значаен за сите наши граѓани за целата наша економија и за регионалното поврзување“, порача Артан Груби.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека овој проект опфаќа изградба на 120 километри нови автопатски делници за што е предвидено да се потрошат 244 милиони евра. Директорот на ИРД Инженеринг Паоло Орсини пред потпишувањето на договорот рече дека ќе бидат вложени напори овие делници да бидат изградени со највисок квалитет.

„Ќе ги вложиме сите потребни напори за изградбата на четирите делници со највисок стандард и квалитет, кои што одговараат на квалитетот на патиштата што се градат во Европската унија“, вели Паоло Орсини.

Овој проект опфаќа изградба на автопатските делници Требениште-Струга-Ќафасан во должина од 22,5 километри, Гостивар-Букојчани со должина од 30,1 километри, Тетово-Гостивар 27 километри и делницата од Коридорот 10-Д Прилеп-Битола со должина од 43,4 километри.