Комисијата за хартии од вредност даде одобрение на Одлуката за измени на Правилата за тргување на Македонска берза АД Скопје, со што наместо досега применуваниот период на порамнување од три работни дена (Т+3) од денот на склучување на трансакцијата се воведува период на порамнување од два работни дена (Т+2) од денот на склучување на трансакцијата.

– Со примената на ваков стандарден период на порамнување Т+2, македонскиот пазар на хартии од вредност ја следи праксата на порамнување што важи на европските регулирани пазари. На овој начин се очекува да се намали потребата од барање специјален ден на порамнување, да се динамизира тргувањето и да се зголеми ликвидноста на пазарот, да се овозможи побрз тек на парите на инвеститорите и пренос на хартиите од вредност – се вели во соопштението од Комисијата за хартии од вредност.

Воведувањето на Т+2, како што се наведува, е од особена важност за СЕЕ Линк-платформата.

– Ваквата корекција на Правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје е во согласност со Законот за хартии од вредност, кој го регулира времето на порамнување на трансакциите и нормира дека порамнувањето може да се врши веднаш, но не подоцна од три работни дена од денот на склучувањето на трансакцијата – стои во соопштението.

Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на денешната 130. седница обновила една дозвола за работење на инвестициски советник.

 

30.01.2018 13:53