Се подготвуваат измени на  Законот за кредитно биро.

 

Се предвидува со измените на Законот за кредитно биро за што е почната постапка за подготовка на Предлог закон што треба да заврши до 13 февруари 2018 година,Кредитното биро да изготвува извештаи за кредитната способност на кредитобарателот.

Донесувањето на Предлогот на закон, како што е објавено на Националниот електронски регистар на прописи на Република Македонија, е со цел воведување извештај за кредитна способност на кредитобарателите. Воведувањето на оваа услуга ќе резултира со предности за кредиторите и кредитокорисниците.

Извештајот за кредитната способност ќе им овозможи на кредиторите да го подобрат кредитното портфолио, да ги намалат трошоците од работењето и значително ќе го намали времето потребно за одобрување на кредити. Истовремено, извештајот на кредитобарателите ќе им даде јасна слика за нивната кредитна способност.

Согласно Законот, Кредитното биро може да изготвува извештаи за состојбата на обврските на правни и физички лица, но не може да изготвува извештаи за нивната кредитната способност што е вообичаена активност на кредитните бироа во меѓународни рамки. Поради тоа, се предлага да се даде можност кредитното биро да изготвува и извештаи за кредитната способност на кредитобарателите.

Кредитното биро е основано со закон од 2008 година, а почна со работа во 2010 година. Управува со единствениот систем во Република Македонија кој врши собирање, обработување и размена на податоци за обврските на правните и физичките лица со цел да дава информации за задолженоста и редовноста во измирувањето на обврските.

МКБ располага со најголемата и дневно ажурна база на податоци која нуди единствени можности за заштита од ризично работење преку успешно управување и преземање ризици што може да се контролираат. Системот го користат сите банки, штедилници, финансиски друштва, друштва за финансиски лизинг, други даватели на кредити, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ, градот Скопје и единици на локалната самоуправа, давателите на услуги од областа на комуналните дејности, енергетиката и телекомуникациите, други правни лица кои даваат услуги по основ на кои настануваат обврски за правните и физичките лица, како и физички лица кои не се сметаат за трговци согласно Законот за трговски друштва.

 

23.01.2018 12:12