Измените во Закон за стечајци ќе обештетат уште 500 стечајци од Куманово

Над 1.600 стечајни работници на ниво на државата ќе бидат опфатени со дополнетието на Законот за стечајци, кој вчера беше усвоен во Собранието.

Според претседателката на Здружението УНИТ Љиљана Георгиевска, со новите измени се опфатени сите стечајни работници кои имаат 15 години работен стаж, 52 години старот жени и 54 години старост мажи, кои останале без работа по сопствена воља, по туѓа вина или спогодбено, под услов фирмата во која работеле да не го сменила матичниот број.

– Од досегашниот закон се бришат зборовите воља, вина и спогодба, бидејќи голем дел од работниците останале без работа под различни околности. На пример вработените од Монопол сами даваа отказ затоа што немаа здравствено осигурување. Очекувам дека со оваа измена ќе бидат опфатени од 400 до 600 стечајци од Куманово, – вели Георгиевска.

За оние стечајни работници кои работеле во фирмите на кои им е сменет матичниот број и не се опфатени со законот, според Георгиевски,  ќе се бара решение во наредниот период.

– Вакви фирми има најмногу во Куманово, Велес и Скопје. Работниците од Кожара, ЗИК-кланица, Житомел и Тутунски комбинат, не се опфатени ни со овие измени. Се планира во наредниот период за работниците кои останале до крај во овие фирми, до ликвидација или приватизација, да се најде решение, – додава Георгиевска.

Со Законот за материјално обезбедување на невработени лица, поради приватизација на претпријатијата со доминатна сопственост на државата до сега се опфатени над 6000 стечајни работници, кои ќе добиваат месечен надомест од 8.953 денари.