Минатата година 93 евидентирани извршители наплатиле 159.761.407 евра, покажува објавениот извештај на нивната комора за 2023. Само на територијата на Основен суд Скопје и Кривичен суд Скопје биле присилно извршени 92.440.068 евра, објави Фактор.мк.

Наплатата од граѓаните како поединци е рекордна – 41,9 милиони евра, резултат подобар од една година претходно – 40,5 милиони евра во 2022, која пред тоа важеше за убедливо најуспешна. Рекордна е и наплатата од државните институции како должници – 29,53 милиони евра, што е далеку најдобар резултат од претходните години. Од бизнисот, односно од правните лица, биле наппатени 90,34 милиони евра.

Извештајот забележува најголем број на извршени решенија во досегашното работење – 76.572 наплатени предмети. Овој резултат е за 14.057 предмети повисок од досегашниот рекорд – 62.515 во 2018. Бројот во 2023 е за 18.371 поголем од 2022.

Тоа е втора најдобра година на „ефикасност“ на извршителските канцеларии во историјата на нивното работење. Најдобрата за нив била 2017 кога наплатиле 166.224.905 евра. Резултатот на извршителите е подобар за 15,36 милиони евра од една година претходно. Во 2022 биле наплатени 144.350.068 евра.

Извршени биле 76.572 барања во текот на 2023, а приближно толку нови отвориле извршителите во 2023. Според КИРМ, „реално ново примени барања за извршувања во 2023 година има во 99.785 предмети“.

Од минатата година граѓани се жалат дека не се применува Законот за облигациони односи од страна на извршителиете, а се однесува за застареност на долгови кои траат над 10 години. Од друга страна, се жалат и правните лица и извршителите кои ги застапуваат нивните побарувања, по што следуваше иницијатива до Уставен суд. Нивното толкување е дека може да се регулираат само каматите, но дека застареност на долговите не може да има. Измените на овој закон беа донесени на средината од минатата година.