Извршителите од 24 јули повторно ќе можат да блокираат сметки за да ги наплатат долговите на должниците. Иако првичната Уредба на Владата беше извршувањето да започне на 1 јули, оваа одлука се продолжи за уште 30 дена. Од комората на извршители не сакаат да коментираат како оваа одлука влијае врз нивната работа, туку само го соопштија денот од кога повторно ќе стартуваат со активностите.

„Уредбата е уште 30 дена по престанувањето на вонредната состојба, а која заврши на 23.06.2020 година, што значи дека од 24.07.2020 година продолжува целосната примена на Законот за извршување“, наведуваат од Комората на извршители.

Од иницијативата „Стоп за извршители“ велат дека граѓаните кои должат ќе имаат поголеми давачки откако ќе почне повторното работење на извршителите бидејќи каматата си течела и додека траела владината Уредба за замрзнување на извршувањата.

„Награда во голема мера се намали, но главниот проблем останува каматата. Затезна камата се пресметува секој ден во Македонија и за овој период сега што извршителите не работат, каматата си расте секојдневно“, рече Марјан Ристески- Иницијатива „Стоп за извршители“.

Поради пандемијата со корона-кризата Владата во март одлучи да ги стави во мирување извршителските постапки. Извршителите не смеат да блокираат сметки, ниту да наплаќаат, освен ако се работи за наплата на издршка, односно алиментација.