Лани извршителите од граѓаните должници наплатиле 24.662.033 евра, од фирмите вкупно 89.485.148 евра, додека од државата наплатиле 9.432.440 евра.

Иако во еден период од годината поради кризната состојба беа запрени извршувањата, сепак граѓаните лани не куртулиле од извршителите. Тие се жалат дека поради намалени плати не успеваат да ги платат ратите за кредитите, најчесто брзите кредити, сметките за струја, парно, вода и многу често завршуваат со блокирани сметки и се расправаат со извршители. Со блокирани сметки лани завршиле и фирми кои не успеале да го платат долгот кон други фирми поради намалени приходи, а должеле и државни институции.

– Барем во услови на пандемија да нѐ ослободеа од плаќањето на ратите и на брзите кредити како што тоа го направија со кредитите во банките. Бев принудена да земам еден таков кредит и со месеци не успевам да ги подмирам ратите бидејќи прво ми ја намалија платата, а потоа ме пратија и на принуден одмор од фирмата во која работам. Сега извршител ми ја блокира сметката и не знам како ќе ги плаќам останатите сметки. Плаќам и кирија. По сѐ изгледи и за тоа ќе дојде друг извршител – вели очајна скопјанка.

Дел од граѓаните, пак, кај извршител се и поради стари долгови, за кои сега чекаат владата конечно да се произнесе дали ќе ги брише.

– Должам за неплатени сметки за вода и за струја, бидејќи во тешка состојба се најдов по стечајот на фирмата во која работев. Не успевам никако да ги платам веќе неколку години. Ги користев и ратите што ги даваат фирмите но пак не успевам да исплатам сѐ, бидејќи работам повремено. Чекам да видам што ќе се случи со најавата за отпис на долговите од Владата – вели друг граѓанин.

Токму долговите за комуналии и брзите кредити, според извршителите, и најтешко се наплаќаат, а во услови на пандемија дополнително било проблем да се наплатат. Така најмногу од предметите се завршени за една година, но има и предмети кои се влечкаат и повеќе години. Дел од нив, пак, се завршуваат за три односно шест месеци зависно од имотната состојба на должникот.

Лани покрај граѓаните, поради неплатен долг, пред извршител се нашле и фирми и државни институции. Извршителите лани добиле 100.760 барања за извршување, а од нив завршиле 44.889 предмети или 44 отсто. Лани имало и 24 барања за извршување на непарнични предмети.

При тоа, извршителите наплатиле вкупно 123.163.049 евра, што е сума иста со онаа наплатена во 2019 година.