До крајот на декември треба работодавците во приватниот сектор да им го исплатат на вработените регресот за годишен одмор. Минималецот за К-15 изнесува 12 740 денари и него го добиваат сите вработени што работеле најмалку шест месеци во приватна компанија, а К-15 му следува и на оној работник што во меѓувреме заминал од одредена компанија, а работел непрекинато половина година. Оваа година, и 12 илјади административци ќе добијат К-15 по 9 000 денари, согласно со гранскиот Колективен договор за вработените во јавниот сектор, потпишан во 2020 година меѓу УПОЗ и МИОА. Значи, пари за регрес нема да добие целата администрација.

До крајот на декември треба работодавците во приватниот сектор да им го исплатат на вработените регресот за годишен одмор. Минималецот за К-15 изнесува 12 740 денари и се пресметува во висина од најмалку 40 проценти од основицата за пресметување на надоместоците на работниците, што претставува просечна месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец. К-15 му следува и на оној работник што во меѓувреме заминал од одредена компанија, а работел непрекинато половина година.

Некои вработени веќе го добија регресот од своите работодавци, но тие се во многу помал број, а најзначајните исплати се очекуваат во деновите пред нас.

– СПОРЕД ОПШТИОТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ОД ОБЛАСТА НА СТОПАНСТВОТО, ОСНОВИЦАТА ПРОСЕКОТ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ, ЗА КОИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА ИМА ОБЈАВЕНО ПОДАТОЦИ, Е 31 851 ДЕНАРИ, А 40 ПРОЦЕНТИ ОД ТОА СЕ 12 740 ДЕНАРИ – ПОТЕНЦИРААТ ОД ССМ.

Доколку е пријавен на половина работно време (20 часа неделно), на работникот му следуваат најмалку 10 работни дена годишен одмор (член 48, став 4 од Законот за работни односи) и исплата на половина износ од утврдениот регрес.

Оваа година, и 12 илјади административци ќе добијат К-15, согласно со гранскиот Колективен договор за вработените во јавниот сектор, потпишан во 2020 година меѓу УПОЗ и МИОА. Значи, пари за регрес нема да добие целата администрација, туку само оние 12.000 за кои е утврден фиксен износ од 9.000 денари.

Досегашните искуства покажуваат дека исплатата на К-15 во многу сектори не оди мазно, затоа што дел од работодавците може со заобиколување на правилата за регрес на годишен одмор, да им исплатат на работниците од 100 денари до без малку 13 илјади денари. Најчестата злоупотреба се прави со префрлање на парите на трансакциската сметка, но со „тивко договорена“ обврска работникот да му ги врати парите на газдата во кеш. Луѓето се плашат за своето работно место, па често без да се побунат, го прават токму ова.

– Од јануари до јуни оваа година, до Сојузот на синдикатите на Македонија пристигнале 4.404 пријави од работници на кои им било прекршено правото на регрес за годишен одмор, утврдено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како и со гранските колективни договори. На пријави поднесени од ССМ, Државниот инспекторат за труд извршил 467 инспекциски надзори и констатирал вкупно 188 неправилности за кои се донесени решенија – велат од ССМ за весникот ВЕЧЕР.

Од февруари до 30 септември годинава, во Одделот за работни односи на Граѓанскиот суд биле поднесени 3 749 тужби, со основ надоместоци. Според Колективниот договор, основицата за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци.

За неисплата на регрес за годишен одмор, предвидена е глоба во согласност со закон, која изнесува до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа. За работодавците што ќе побараат од работниците да им се вратат исплатените пари, следува и затворска казна од три месеци, па сè до една година.