Освен каматите за неплатени сметки за струја, вода, телефон, мобилни и кабловски оператори, ќе се бришат каматите и за долговите за телевизија. Пратениците во Собранието за второ читање ќе го доуредат Законот за отпис на камати и со амандмани ќе го намалат и надоместокот што должниците ќе им го плаќаат на извршителите, нотарите и адвокатите за овие предмети.

Законот што доби поддршка од деведест пратеници уште на самиот почеток, предвидува граѓаните кои имаат судско решение за извршување издадено заклучно со 1ви јули 2011 да бараат отпис на каматите, доколку долгот го платат во рок од една година од носењето на Законот.

„Прифативме поголемо намалување за овие предмети на т.н процесни и извршни трошоци, тоа се трошоците за нотари, адвокати и извршители, наместо една третина, да биде една четвртина“ – рече Панчо Минов, пратеник на ГРОМ.

Се очекува Законот да биде изгласан во Собранието следниот месец. Ќе важи една година. Не се знае колку граѓани би биле опфатени со ниту колкава сума би била избришана по основ на камати. Законот за целосен отпис на долговите, пак, што го предложија неколку граѓански здруженија, се уште не е ставен на дневен ред во Собранието. Минов вели дека тој нема да го поддржи.

„Јас не можам да зборам за пратеничка група, лично за мене овој предлог е неиздржан“ – вели Минов.

Бришењето на долговите не е новина за нашата земја. Владата во 2014 спроведе мерка за отпишување на долговите на социјално ранливите категории. Тогаш беше избришан долг од речиси 30 милиони евра. Компаниите кои ги избришаа долговите за возврат добија даночно олеснување.