Од 6 јануари годинава кога во делчевското село Драмче првпат беше регистрирана појава на африканска свинска чума во земјава, до вчера се констатирани нови случаи и во Моштица, Мојанци, Пресека, Тркање и Виничка Кршла, соопшти денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски.

Бабовски нагласи дека на удар се малите одгледувалишта со по една, две или три свињи за домашна употреба, кои не применуваат биосигурносни мерки и тие, рече, се најголемата опасност за ширење на болеста.

Тој апелира сите одгледувачи на свињи, официјалните ветеринари на АХВ или најблиските ветеринарни друштва, навреме да го пријават секој сомнителен случај на африканска чума за да се  спречи ширењето на болеста.

Извор и резервоар на вирусот, потенцира Бабовски, се дивите свињи, а болеста која ја има во регионот е веројатно пренесена кај нас од соседна држава.

Директорот уште еднаш повика граѓаните да не се грижат, зашто африканската чума не е опасна за луѓето, ниту месото од заболените свињи е штетно, но болеста може да се шири зашто вирусот останува активен во свежото месо.

Бабовски повторно апелираше свињите да се чуваaт во затворен простор и секој сомнителен случај веднаш да го пријават.

-Големите фарми не се во регионот што е сега зафатен со африканска чума. Се работи за поединечни случаи. Потсетуваме дека сточарите ќе добијат отштета само доколку пријават сомнително и заболено животно кај кое ќе се потврди присуството на болеста, а не и за угинатите животни. Ако случаите не се пријават, на одгледувачите не им следува финансиски надомест. Отштета не следува и за свињите кои се чуваат на отворено, спротивно на забраната, кои ќе бидат одземени и нештетно отстранети на товар на одгледувачот,  рече Бабовски на прес-конференција.