Меѓу главните домашни фактори за инфлација, според Кадиевска Војновиќ, е растот на платите без раст на продуктивност, тесен пазар на труд, ниско домашно производство на струја…

Македонија е веќе влезена во стагфлација, а според висината на годишната стапка на вкупна инфлацијата е на петто место во Европа, истакна Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка на НБРМ, која присуствуваше на неодамнешната конференција што ја организираше М6 Едукативниот центар, „Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?“
Таа тврди дека за нашата инфлација не се важни само увозните компоненти, туку дека таа е предизвикана и од домашни фактори.

– Исто така, базичната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на храната и на енергијата, како мерка за подолгорочната компонента на инфлацијата и за инфлациските очекувања во Македонија во октомври изнесува 9,2 проценти и е речиси двојно повисока од 5 проценти во еврозоната Ова покажува дека не се само увозните, или глобалните фактори (храната и енергијата), туку и домашните фактори ја разгореа инфлацијата – рече Кадиевска Војновиќ.

Од домашните фактори, како најзначајни ги наброја: континуираниот раст на трошоците за труд по единица производ во еден подолг временски период, во услови на раст на бруто-платите и пад на продуктивноста, при што фирмите тоа го пренесуваат на финалните цени. Тесниот пазар на труд за приватниот сектор, заради интензивното вработувањето во јавниот сектор (и во услови на кризи) и негативните демографските процеси (намалувањето на работоспособната популација при стареење на населението и иселување на младите) ја намалува домашната понуда, создава притисок врз платите и влијае инфлаторно.

Историското ниско домашно производство на електрична енергија условува скап увоз на електрична енергија за покривање на регулираниот пазар го стеснува фискалниот простор за мерки против инфлацијата. Исто така, бизнисот што е на слободниот пазар (но и малите потрошувачи на регулираниот пазар) плаќаат една од највисоките цени за електрична енергија во Европа, што значајно влијае врз нарушување на ликвидноста на фирмите.

Македонија во последните две години има зголемена енергетска зависност, заради пониското производство на електрична енергија. За разлика од ЕУ којашто во голем дел е зависна од гасот (над 30 отсто), во енергетската потрошувачка во Македонија доминираат нафтените производи (со 50 отсто, додека гасот учествува со само 2,6 отсто во 2021 година). Енергетскиот дефицит за девет месеци од 2022 година достигна рекорд од 1,4 милијарди евра (за разлика од истиот период лани кога беше околу 570 милиони евра), што се одразува во намалување на девизните резерви во услови кога централната банка го брани курсот на денарот. Сепак, девизните резерви во текот на летото закрепнаа под влијание на дознаките на нашите иселеници и заради надворешното задолжување на државата – вели Кадиевска Војновиќ.