Кога и да видам популистички левичарски мемиња од типот – Да ги ‘изедеме’ богатите, и национализирај ги банките, ми текнува на една приказна, базирана на вистински настани.

Во Декември 2001 година Аргентина објави суспензија на плаќањата на околу 82 милијарди долари јавен долг (sovereign debt). Ова беше најголемиот случаја на банкрот на една влада било кога во човечката историја. Аргентинските обврзници во тоа време сочинуваа дури цела четрврина од вкупниот државен долг на земјите во развој ширум светот.

Ова не беше и нема да биде единствениот случај да Аргентина прогласи мораториум на својот јавен долг. Но беше најдраматичниот.

Последиците непосредно пред мораториумот беа очекувани – намален буџет, намалени трошења, буџетска затегнатост, со цел да се соберат пари да се платат траншите на кредити земени и потрошени од неодговорни политичари.

Поради ново воведените мерки за јавно штедење, граѓанските немири ескалираа до таа точка што политичката елита буквално мораше да пребега од државата. Аргентинците стравувајќи да не им бидат замрзнати депозитие во банка почнаа масовно да ги вадат своите пари од сметка. Тогашниот Министер за Финансии, Domingo Cavallo, мораше да воведе банкарски празник (bank holiday) и да го воведе т.н. corralito, мерка со која ги замрзна депозитите на граѓаните и го ограничи повлекувањето на пари од банкомат на само 1,000 песози неделно. Ова дополнително ја разлути популацијата. Обичниот народ како и секогаш е оној што најмногу страда од неодговорноста на политичарите.

А што со богатите?

Тие беа добро згрижени од страна на политичарите.

На обичниот народ Cavallo им сервира рестрикции за повлекување депозити. За богатите Аргентинци намерно остави дупка во новата регулатива за повлекување депозити за да им олесни да ги извадат своите депозити од банкарскиот систем, метод сличен на оној што што го примени López Portillo при национализацијата на банкарскиот сектор во Мексико во 1982 година.

Национализација на банки? Зарем не зема замав истата левичарска популистичка идеа и кај нас?

Но како? Како Аргентиската елита успеа да ги извади своите замрзнати пари надвор од банките а обичниот човек повторно остана со празни раце?

Дупката во законот што има остави Cavallo им овозможи на елитните Аргентинци да ги искористат своите замрзнати депозити за да купаат акции во Аргентински фирми што котираат и во САД (двојна котација). Рестрикциите  им дозволи на богатите Аргентинци да ги искористат нивните замрзнати депозити да купат Аргентински акции и со тоа добија законски начин да ги префрлат своите средства надвор од земјата, односно да ги конвертираат нивните Аргентински акции (купени со песози) во Американски Депозитарски Сметкопотврди (American Depository Receipts), инструмент што може лесно да биде продаден за Американски долари и депонирани во банкарска сметка во САД.

Приказната нé учи што да очекувате дека ќе се случи кога неподмитливи ви ветуваат национализација на банки и контрола на каматни стапки.

Приказната нé учи на залудноста на левиот популизам.

 

Пишува : Блаже Аризанов