Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) на 26.01.2024 год. објави Јавен конкурс за поднесување на предлог-проекти за финансирање под инструментот за поддршка „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст“. Целта на овој инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ) за забрзан економски раст преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација.

Поддршката е наменета за претпријатијата и ПЗУ кои имаат јасно идентификувана потреба од нови технологии која ќе има значително и мерливо позитивно влијание во еден или повеќе од следните аспекти од нивното работење:

  • зголемена продуктивност и ефикасност,
  • намалување на трошоци и употреба на ресурси,
  • намалување на негативното влијание врз животната средина,
  • подобар квалитет и нови карактеристики на производите и услугите кои ги нудат на пазарот,
  • за развивање на нови канали за продажба, влез, експанзија на нови пазари или за градење на постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи.

Износ на грант

ФИТР обезбедува финансиска поддршка во форма на кофинансиран грант во максимален износ до 160.000 евра или 10 милиони денари.

Со други зборови, најголем дел од буџетот за проектот (до 70%) го финансира ФИТР, а помал дел (30 или 40%) покрива апликантот со сопствени средства.

Вид на апликант Грант од ФИТР Дел на апликант
Претпријатие или ПЗУ – микро
до 10 вработени
годишен приход до 50.000 евра
до 40.000 евра
(70%)
17.000 евра
(30%)
Претпријатие или ПЗУ – мало
10 до 50 вработени
годишен приход од 50.000 до 2 мил. евра
до 80.000 евра
(70%)
34.000 евра
(30%)
Претпријатие или ПЗУ – средно
над 50 вработени
годишен приход од 2 мил. до 10 мил. евра
до 160.000 евра
(60%)
106.000 евра
(40%)

Кој може да аплицира

На јавниот повик може да аплицираат:

  • Трговски друштва основани согласно Закон за трговски друштва и регистрирани во Централен регистар на РСМ
  • Приватни здравствени установи (ПЗУ) основани согласно Закон за установи и Закон за здравствена заштита и регистрирани во Централен регистар на РСМ

Критериуми за подобност кои треба да ги исполнува секој апликант се:

  • Да не е поврзан (согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие и/или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечен број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
  • Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • Апликанти со над 3 (три) години на постоење до моментот на аплицирање да немаат остварена загуба согласно финансиските извештаи за последните две календарски години.
  • Да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиски институции заклучно состојба на крај на месец Февруари 2020, односно пред почеток на кризата предизвикана од Ковид 19, издадена од Македонско кредитно биро;
  • Да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истата намена/мерка да не добива државна помош од два различни извори поради тоа што таквата помош не е дозволена.

Рок за аплицирање

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 29.02.2024 година, до 14:00 часот.

Подобни активности за финансирање

  • Набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени“ и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловните процеси;
  • Развој и воведување на нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа;
  • Набавка и воведување на нови дигитални решенија (софтвер, алатки, лиценци и сл.) и развој на дигитални бизнис модели, кои може да вклучуваат дигитализација на каналите за продажба и набавки;
  • Градење на капацитетите на менаџментот и вработените за примена на новите технологии;
  • Подобрување на продуктивностa и ефикасностa на производствените и/или деловните процеси;
  • Намалување на трошоци на производство и оперативно работење;
  • Подобрување на ефикасностa при употреба на ресурси;
  • Активности за намалување на негативното влијание врз животната средина;
  • Значително подобрување на квалитетот и додавање на нови или значително подобрени карактеристики на производите и услугите како резултат на промените во понудата и побарувачката поврзани со последиците од КОВИД-19 кризата (вклучително стандардизација и сертификација);
  • Развивање на нови канали за продажба и активности за влез или експанзија на нови пазари – градење на постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи.

Листата на активности не е ограничувачка.

Прифатливи трошоци во рамки на проект

  • Бруто плати за вработените лица кај апликантот кои ќе бидат ангажирани на проектот. Износите на бруто плати на вработените-ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот пред почеток на проектот, намалени за износот на потенцијална државна субвенција примена по основ на плата;
  • Трошоци за техничка поддршка (експертиза), трошоци за договорни услуги за истражување, развој, дигитализација (пр. тестирање, лабораториски услуги и слично);
  • Трошоци за набавка и изнајмување на опрема, софтвер, алатки од информатичка технологија и суровини и потрошен материјал, директно поврзани со реализација на проектот;
  • Трошоци поврзани со спроведување на план за технолошки развој на Апликантот;
  • Други оперативни трошоци директно поврзани со реализацијата на проектот, освен оние кои не се подобни за финансирање преку овој Инструмент.

 

Само трошоците направени за време на проектот во согласност со одобрениот буџет на проектот и реализирани до крајот на проектот се подобни за финансирање.

Времетраење на проект

Времетраењето на проектот може да биде до 18 месеци.

Вкупен буџет на повик

За финансирање проекти под овој конкурс за овој Инструмент обезбеден е вкупен буџет од 5.000.000,00 (пет милиони) евра во денарска противвредност.