За да се справат со намалувањето на испораките на руски гас од почетокот на конфликтот во Украина, земјите од Европската Унија (ЕУ) поставија цел да ја намалат потрошувачката на природен гас за 15 отсто помеѓу август 2022 година и март 2023 година во споредба со просекот од последните пет години.

Во декември, „Евростат“ објави дека ЕУ е на вистинскиот пат кон таа цел, при што потрошувачката на гас во европските членки падна за околу 20 отсто во периодот август-ноември (во споредба со просекот 2017-2021 година).

Како што покажува инфографикот, во текот на дадениот период, потрошувачката на гас се намали во повеќето земји-членки. Во 18 земји, вклучувајќи ја и Германија (-20 отсто), потрошувачката падна над целта од 15 отсто, а во некои случаи значително: Финска (-53 отсто), Летонија (-43 отсто) и Литванија (-42 отсто) забележаа најголемо намалување на потрошувачката. Иако ја намалија употребата на овој извор на енергија, шест земји-членки сè уште не ја достигнале целта од 15 отсто. Во две земји, пак, потрошувачката на природен гас е зголемена: во Малта (+7 отсто) и во Словачка (речиси +3 отсто).