Цените на намирниците растат повеќе од една година. Во Германија, ДДВ во принцип изнесува 19%, но за храната 7%. Сега се води дебата дали и овие 7% треба да се намалат или укинат со оглед на високата инфлација.

Во Германија која е позната по релативно ефтина храна, минатата година прехранбените продукти поскапеа за 21%. А инфлацијата е се уште висока. За да им се олесни на потрошувачите повторно се актуелизираше дебатата околу намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) на одредени намирници. Министерот за земјоделие Џем Ездемир од Зелените е за укинување на ДДВ за „здрава” храна, а Сојузниот завод за животна средина (УБА) и Сојузното здружение на потрошувачи се за намалување на данокот за храна од растително потекло.

Ослободување од ДДВ или намалување на цените од 7% за овошјето, зеленчукот, производи од житарици и растителни масла, би можело да донесе заштеда од околу четири милијарди евра за приватните домаќинства, смета Дирк Меснер, шеф на УБА.

Богатите или сиромашните: Кој би имал поголема полза?

Сепак, не секој би имал подеднаква корист од таквата мерка. Се зависи од тоа како гледате на работите. Себастијан Дулиен од фондацијата „Ханс Беклер“, која е блиска до синдикатите, дава пример: „Француското сирење од 5,99 евра за 100 грама би било поевтино за околу 40 центи, а истото пакување гауда кое чини 60 центи на сто грами ќе поефтини само четири центи“. Процентуалната заштеда за домашниот буџет би била поголема за сиромашните кои и онака трошат голем дел од своите пари на храна.

Но во апсолутна смисла, богатите кои купуваат поквалитетни производи, односно поскапа храна ќе заштедат многу повеќе пари бидејќи трошат и речиси двојно повеќе пари на храна.

Јадете поевтино, живејте поздраво

Освен финансиски олеснувања, пониските цени на одредени намирници треба да влијаат и на промена на навиките – помалку месо, повеќе зеленчук.

„Иако многумина во Германија не сакаат да го слушаат тоа, ние треба да јадеме многу помалку месо и други животински производи“, вели Марсел Фрахер, претседател на ДИВ. Затоа, ослободувањето од ДДВ на овошјето, зеленчукот и житариците би било важна одлука на сојузната влада од социјална, еколошка и здравствена перспектива, смета тој.

Пониските цени би можеле да им помогнат и на оние во бизнисот со органска храна. Претседателот на здружението на фармери, Јоаким Руквид, се жали дека компаниите кои продаваат висококвалитетни органски производи во моментов страдаат од огромен пад на продажбата. Затоа, многу земјоделци се попретпазливи кога станува збор за преминување на органско производство.

Дали цените во супермаркетите навистина ќе бидат намалени?

Намалувањето на ДДВ би се почуствувало во џебот на потрошувачите само доколку производителите на храна – чии сопственици се патем во групата најбогати Германци – овој „подарок” од државата ќе го префрлат кај муштериите а не во сопствениот џеб.

„Во суштина имаме релативно голем притисок од конкуренцијата во малопродажбата така што може да се очекува намалувањето на ДДВ да го почувствуваат и приватните домаќинства, барем на долг рок,” смета Бах од ДИВ.

Тој не верува дека тоа ќе се случи на краток или среден рок поради високата инфлација, високата цена на енергенсите и други трошоци.

Како беше за време на коронавирусот?

Во втората половина на 2020 година, поради поскапувањата за време на пандемијата, ДДВ веќе беше намален шест месеци. Редовната стапка од 19% беше намалена на 16%, а пониската стапка од 7% на 5%. Според истражувањето на Бундесбанк, 60 отсто од даночните намалувања директно ги почувствувале потрошувачите. Истражувачите од минхенскиот институт ИФО велат дека во прехранбениот сектор тоа било и до 80 отсто.

Но, тогаш ситуацијата беше поинаква, бидејќи намалувањето на ДДВ не се однесуваше само на храната, немаше инфлација како сега и се знаеше дека даночните олеснувања се само привремени. Сè на сè, тешко е да се предвиди ефектот од намалувањето на ДДВ, вели Бах од ДИВ. Едноставно нема доволно искуство, бидејќи ДДВ е прилично нов данок во Германија (воведен во 1968 година), и најмногу растеше во минатото.

Колку тоа ќе ја чини државата?

Но, она што може да се процени е колку пари губи државата. Во моментов, наметнувањето на 7% ДДВ на прехрамбените намирници носи околу 15 милијарди евра годишно, вели Бах. Дулиен од фондацијата „Ханс Беклер” вели дека овие пари ќе недостасуваат во наредните години за важни проекти како што се надградба на инфраструктурата, јакнење на образовниот систем и зелена транзиција.

Ана Маркварт од Здружението на потрошувачите вели дека со поефтино овошје и зеленчук би се поттикнале граѓаните на повеќе здрава исхрана и на тој начин долгорочно би се заштедело на трошоци на пример во здравствениот систем.

Намалувањето на ДДВ би влијаело и на релативно високата инфлација. Според Сојузниот завод за статистика, храната сочинува речиси 10 отсто од потрошувачката кошничка така што мерката би можела да ја намали инфлацијата за 0,6 до 0,7 отсто, смета Бах.

Многу земји веќе го намалија ДДВ

Додека во Германија сè уште се разговара за ова други земји веќе презедоа акција. Полска и Турција веќе го намалија ДДВ за храна – вклучително и месо – во 2022 година. Во Шпанија од почетокот на оваа година целосно е укинат ДДВ за основната храна како овошје, зеленчук, леб и млеко. Мерката додуша не се однесува на месото и рибата, и засега ќе важи шест месеци.

Иако ова предизвика пад на цените, во првата недела од јануари шпанската организација за заштита на потрошувачите, ФАКУА пријави седум синџири на маркети во Националната комисија за конкуренција поради тоа што не го спровеле намалувањето на цените.