Веќе точно три месеци слушаме и гледаме како Трифун Костовски вината за пропаѓањето на Еуростандард ја бара и насочува кај други. А секој што барем малку знае како функционира банка, знае дека одговорноста за вакво пропаѓање може да биде на оние што ја управувале, оние што преземале ризици, оние што одобрувале кредити и сопствениците што не вложиле пари во банката за да си ги покријат загубите. Со години – претседател на Надзорен одбор бил Трифун, на кредитните одбори бил сим му Коста попознат како Коки, а сопственици и двајцата заедно со другите од нивното семејство.  И сега некој друг треба да им е крив… Па она што го прави Трифун три месеци, како да е по логиката дека кога има галама и потера, најчесто крадецот вика најгласно „фатете го крадецот“. Можеби не за друго, туку зашто носење банка во стечај е кривично дело, а и зашто тие што сега чекаат на стечајната маса може да затропаат на врата.

 

Ама ај што се обидува да ја насочи вината на друг, него за да го направи тоа, свесно или несвесно, манипулира и извртува тези… па и си ги менува сопствените тези – еднаш вака, другпат така, но секогаш, битно – затворањето на Еуростандард, за него е смислено сценарио од некој друг.  

 

Еве еден пример – што кажа на 24 септември. Слушнете внимателно. 

А тоа решение од 1 јуни, за коешто се зборува во видеото и коешто нема никаква врска со затворање на банка, ама за Трифун било сценарио и се чувало во фиока, всушност било објавено на веб-страницата на неговата банка, и тоа на 31 јули, во извештаи и податоци со состојба на 30 јуни.

Еве и линк како било прикачено на веб-страницата на Еуростандард: http://eurostandard.mk/WEBprostor/documents/corporate/reshenie_od_guvernerot.pdf

 

И се гледа дека ова решение што се однесува само на неколку финансиски активности што не се воопшто најзначајни за банка во Македонија, во Еуростандард го примиле на денот кога е донесено – 1 јуни. А тоа се гледаше и кога се споделуваше на Фејсбук зашто најверојатно се споделуваше баш од овде – од страницата на Еуростандард.

 

Епа како, ако било сценарио и се чувало во фиока, решението долетало до аривата на Еуростандард на 1 јуни и било објавено на нивниот веб на 31 јули? Да не е смислено сценарио нешто друго – ваквите настапи на Трифун со извртување факти и тези?! Сценарио за некој да се спаси себеси од сопствената одговорност, па му треба да ги вознемири граѓаните, да политизира и најмногу – да манипулира за да го насочи вниманието кон друг?!

 

Како може некој да не ги види извештаите од сопствената банка и да не следи што кажуваат за банката и што се случува со неа?! (овде можеби и може, зашто Трифун сам рече дека не е банкар, туку трговец – купи-продај)  Тешко дека нешто такво е возможно. Поверојатно е дека добро знаел какво решение е тоа од 1 јуни и дека нема врска со затворање на банка, ама му одговара народот да мисли дека е нешто друго, за чаршиски да се зборува неговата приказна за сценарио. Дали всушност тоа што погрешно се прикажуваше решението од 1 јуни било сценарио? Да се сподели ова решение по мрежите, и тоа можеби баш од страницата на Еуростандард, за понеупатените (а и оние што спинуваат) да мислат и тврдат дека ова било решение за затворање на банката што намерно се чувало во фиока. А кој ќе прочита и барем малку се разбира ќе види дека нема врска со затворање банка.

 

Откако почна ова Решение да се врти по Фејсбук, од Народна банка одма изреагираа, а медиумите објавија дека решението од 1 јуни не е за затворање на банка, туку само за одземање на согласност за вршење на само неколку финансиски активности како кредитирање во странство, тргување со хартии од вредност на странски пазари и тргување со деривати, а за коишто законот бара дополнителен капитал, над основниот капитал на банка. Потоа и објаснија дека за овие активности, некои банки не ни не побарале и немаат согласност. Дека ова решение воопшто не подразбира дека по некаков автоматизам се укинува дозвола за работење.  

Инаку, и во решението за затворање на Еуростандард донесено на 12 август, во образложението е спомнато и ова решение од 1 јуни, во објаснувањето на случувањата со Еуростандард. Ама Трифун ни тие објави не ги видел?! Ни Решението за затворање на неговата банка што е и јавно објавено не го видел? А знае како се затворила банката?! Чудно! Сите други објави во медиуми ги видел, па ги коментираше и извртуваше за да си најде мегдан пак да го има во јавност со истата тема. А баш оваа објава не ја виде, па на 24 септември, скоро месец ипол откако по Фејсбук кружеше решението од 1 јуни да даде ваква изјава?! Тешко – изгледа беше потребно и со ова да се изманипулира заради дефокусирање и да се злоупотреби ситуацијата. Можеби и затоа што уште од почеток, Решението од 1 јуни кружеше по социјалните мрежи со таа цел, за да не се зборува за (не)одговорноста на тие од Еуростандард, туку да се вртат приказни за фиоки и не знам што.

 

Изгледа и тогаш, и сега, во однос на Еуростандард, некој се обидува да прикаже погрешна слика. Ама тоа, некој може да го нарече и лажење. Не би тврдел ништо, ама спонтано доаѓа една народна поговорка:

 

„Тој што лаже, тој и краде!“.

 

По еден ваков пример, кога се гледа со колку патетика зборува Трифун, како се жали обидувајќи се да привлече сожалување, и се друго што кажува за Еуростандард, тешко или со голема резерва дека може да се смета за вистина. А и за тоа има куп примери, коишто одделно може да се анализираат.  

Овој пример, кој е истакнат во овој натпис е еден узрок за извртување на фактите и вистината согласно потребите на Трифун Костоски, и самиот преку ТВ изјави споредени со актуелните пишани документи и факти се во колизија и ја разоткриваат оваа безочна лага и манипулација на „господинот“.

 

Наум Димитровски