Денот на самците, исто така познат како празник на двојни единаесетки 11.11 е празник на луѓето кои не се во брак, ден на неприфатените и осамени. Популарен празник кој со време станал најголем празник на онлајн продажбата.

Постојат повеќе теории за неговото настанување, а широко е прифатена таа дека настанал на Универзитетот во Нанџинг во 1993 година.

Четворица студенти на четврта година секоја вечер се собирале во собите во домот и разговарале за тоа како да пронајдат партнер. Дошле до идеја 11.11 да биде погоден како ден за организирање на некои активности, со кои би можеле да одбележат тоа што се самци, бидејќи тој датум се содржи од 4 единици, односно четворица самци.

Од тогаш, Денот на самците постепено се развива како некој вид забава на кампусот и пошироко од Универзитетот во Нанџинг и на другите универзитети во сите делови на Кина.

Дено на самците се уште нема утврден начин на славење ниту стандарден обичај, различни луѓе на различни начини го прославуваат овој ден. Но активностите со кои се одбележува во главно се собири, забави, купувања, состаноци, венчавки и слично.

Од друга страна пак, за брачните двојки овие четири единици претставуваат единство, односно еден маж – една жена, една двојка- едно семејство и еден живот-еден свет, едно срце-една мисла, со кои овој ден се прославува како празник на верните партнери. Затоа многумина го бираат овој ден за добивање брачна дозвола. Некои млади луѓе на овој ден ја прославуваат и независноста од родителите.

За сите кои слават, бројни компании, посебно оние кои се занимаваат со онлајн трговија, нудат промоции и попусти.

Продавница на „Алибаба“ – „Тјенмао“, ноќеска на полноќ достигна вредност од околу 1,43 милијарди долари, за само една минута и 36 секунди, што е за 29 секунди побрзо од минатата година.