Централната банка може да се воздржи од мешање, барем сè додека светот продолжи да се бори против коронавирусот

Кина продолжува да продава повеќе свои производи во странство, што значи дека централната банка не треба да брза да го контролира најсилниот јуан во последните две години, пишува Блумберг.

Во ноември, Народната банка на Кина се воздржа од употреба на инструменти за спречување на апрецијацијата на јуанот, и покрај тоа што валутата бележи најдолг период на месечен раст во последните шест години.

Ова е пресврт од минатиот месец, кога властите поевтинија обложувања против јуанот и ги олеснија контролите на девизниот курс, што се толкуваше како дел од напорите на Пекинг да ја контролира вредноста.

Сепак, сега сме сведоци дека силниот јуан всушност не им штети на кинеските извозници. Во светот расте побарувачката за сè, од заштитни одела за коронавирусот до медицински инструменти кои во голема мерка се произведуваат во Кина. Во октомври, извозот на Кина порасна со најбрзо темпо од почетокот на 2019 година, надминувајќи ги предвидувањата.

Одржливоста во извозот значи дека Кина можеби нема да има потреба да го ослабува јуанот откако порасна повеќе од 9% од крајот на мај. Посилниот курс исто така го прави увозот поевтин и ја зголемува домашната потрошувачка, цел што се надева дека ќе ја постигне претседателот Си Џинпинг. Силната валута ќе привлече и повеќе странски купувачи на кинески обврзници и акции, што е значаен чекор бидејќи Пекинг се обидува да ја промовира глобалната употреба на јуанот.

„Растот на кинескиот извоз може да продолжи уште неколку месеци, бидејќи земјите не се очекуваат толку брзо да се справат со коронавирусот“, велат економистите од „Номура холдингс“.

Покрај поголемиот извоз, јуанот е зајакнат и со стабилното закрепнување на Кина од пандемијата и приливот на капитал. Претседателските избори во САД исто така ги зголемија надежите за попријателски односи меѓу двете земји, врски што би биле корисни за кинеската валута.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк