Првиот економски кавартал од 2018 година заврши со раст и на штедењето и на кредитирањето, но на месечна основа, во март во споредба со февруари регистрирано е намалување на депозитната база.

 

Расте задолженоста на граѓаните по основ на потрошувачки и станбени кредити. На крајот од март регистриран е пораст на вкупната кредитна изложеност на банките. На месечна основа, од секторски аспект, намалување има кај корпоративното кредтирање.

 

“Кај кредитите на корпоративниот сектор во март е забележан месечен пад од 0,2%. Во услови на раст на денарските кредити, месечната промена во целост се објаснува преку намалувањето на девизните кредити. Споредено на годишна основа, остварен е раст на кредитната активност од 2,5%, како резултат на зголеменото денарско кредитирање, при намалено кредитирање во странска валута“ – соопштија од Народната Банка.

Конкретно, на крајот од март салдото на вкупните кредити изнесува 4,82 милијарди евра што е за 16,6 милиони евра повеќе во однос на февруари. Пораст има кај кредитите со девизна клаузула, чиј износ изнесува 4,05 милијарди евра додека кај девизните кредити регистрирано е мало намалување на месечно ниво.

Инаку, кај населението  и натаму најдоминантни остануваат потрошувачките и станбените кредити.

“Во март, од аспект на намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките и станбените кредити, е забележан идентичен месечен раст од 1,2%, соодветно, при годишен раст од 10,7% и 15,4%, соодветно. Автомобилските кредити во март бележат месечно и годишно зголемување од 0,8% и 2,9%, додека кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети на месечна основа, а забележаа годишен пад од 1,1%. Овој месец, кај негативните салда на тековните сметки е евидентирано месечно намалување од 1,9%, при годишно зголемување од 0,4%. Во март, кредитите одобрени врз други основи остварија минимален месечен раст од 0,1%, додека на годишна основа забележаа намалување од 0,5%“ – се нотира.

На крајот на март, според податоците на Народната банка, штедењето на месечна основа е со негативен предзнак. Имено, првиот економски квартал од годинава заврши со салдо на вкупни депозити од 5,53 милијарди евра, што е за 14,7 милиони евра помалку од состојбата во февруари. Овој негативен тренд го нотираше и НБМ, со оценка дека е последица на намалување на депозитната база

“Во март, вкупните депозити на месечна основа бележат пад од 0,3%, како резултат на намалените депозити на корпоративниот сектор. Од друга страна, на годишна основа е остварен раст од 7,1%, којшто во поголем дел или 71,1% е резултат на зголемувањето на депозитите на домаќинствата“ – велат од НБМ.

Според анализата на податоците што ја направи “Фактор“, од валутен аспект, намалување има и кај штедењето во денари и кај штедењето во девизи, но поголем е падот кај денарското штедење. Така, во март вкупните денарски штедни влогови биле во износ од 3,26 милијарди евра што е за 13,2 милиони евра помалку во однос на февруари кога салдото на денарското штедење било 3,27 милијарди евра.

“Во март, вкупните депозити на корпоративниот сектор на месечна основа се намалени за 2,0%, главно заради падот на денарските депозити. На годишна основа, депозитите се зголемија за 4,1%“ – се наведува во новообјавениот извештај на НБРМ.

Штедењето во девизи, во март било со салдо од 2,27 милијарда евра што е за 1,5 милиони евра помалку во однос на февруари, кога салдото било 2,27 милијарда евра.

Извор:Фактор