Една од опциите е инвеститорите да инсталираат батерии – т.н „сториџи“ во кои ќе ја чуваат струјата и ќе ја пуштаат во системот кога ќе има потреба за тоа и кога цената ќе биде поволна за производителот, но експерти велат дека тоа не е долгорочно решение, а бара многу пари.

Инвеститорите во фотонапонски централи и електрани од други обновливи извори на енергија, покрај сложените процедури за реализација на инвестицијата, сега имаат нов проблем како да се вклучат на мрежата и да ја продаваат струјата.

Експерти и активно вклучени стручни лица во инсталирањето на фотонапонските централи велат дека е потребно итно адаптирање на електричната мрежа за да се прифати секој произведен киловат струја и да не се дозволува инвеститорите да чекаат, а земјата да троши пари за увоз на струја.

Проблемот е детектиран и во државниот преносен систем (МЕПСО) кој треба да ги вклучи во системот централите од обновливи извори на енергија со јачина повисока од 10 мегаватчасови. Во тек е изработка на студија која треба да покаже како да се справат со проблемот која треба да биде готова во март годинава. Во меѓувреме директорот на МЕПСО Орхан Муртезани предлага инвеститорите во фотоволтаици да инсталираат во батерии односно сториџи (систем за складирање на струја) во кои би ја чувале струјата и би ја пуштале во мрежата кога ќе има потреба, но и кога цената на струјата ќе биде поволна за инвеститорот.

Преносниот систем ќе се пребукира, ако се приклучат сите

Според одделни податоци има неверојатно голем интерес за изградба на фотоволтаици и ветерници од домашни и странски инвеститори.

Производството на струја од обновливи извори, кое треба да се приклучи на мрежата, е 8 пати поголемо од потрошувачката на земјава во периодот на таканаречениот пик. Само лани до МЕПСО, кој ги приклучува електраните од обновливи извори кои произведуваат струја над 10 мегаватчасови, се доставени 43 барања од 5.142 мегавати, а дополнително се очекуваат уште 8.000 мегавати кои треба да се вклучат во мрежата.

Моментно за приклучок на преносната мрежа чекаат три фотоволтаици со сила од 150 мегавати (во Новаци и 2 фотонапонски централи во Осломеј) и една ветерница од 44 мегавати.

Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани деновиве изјави дека сето она што ќе се произведе од обновливи извори на енергија моментално не може да се приклучи на мрежата бидејќи таа нема да ја издржи оваа струја. Тој предлага да се направат критериуми кои ќе овозможат нивно вклучување без да има ризик по преносната мрежа.

– Не само ние, туку и целиот регион, не го предвидовме овој голем бран на инвестирање во електрани од обновливи извори – ветерници и фотоволтаици. Веројатно ќе треба да се изградат критериуми според кои ќе се приклучуваат овие производители кои нема да му наштетат на преносниот систем. Мислам дека еден од тие критериуми е воспоставување обврска на инвеститорите да инсталираат батерии – сториџи во кои ќе ја чуваат струјата и ќе ја пуштаат во системот кога ќе има потреба за тоа и кога цената ќе биде поволна за производителот – рече Муртезани.

Тој рече дека веќе се работи на студија која треба да покаже како да се справат со проблемот, која треба да биде готова во март годинава. Професорот Ристо Цицонков, вели дека државата мора да изнајде начин како да го прифати секој произведен киловат од обновливи извори на енергија.

– Потребно е итно адаптирање на енергетскиот систем, дали е тоа технички или кадровски и административно, за да може да го прифати секој произведен киловат, без разлика дали е произведен од мала или голема централа од обновливи извори. Инвестицијата секако не е поголема од парите што државата ги троши за увоз на струја. Не е мал износот од 200 милиони евра за увоз на струја потрошени во време на кризата – вели Цицонков.

Според него, најавата дека со вградување батериски системи ќе се реши еден ваков акутен проблем е привремено решение кое е скапо.

– Овие системи се многу скапи, па инвестицијата во нив за одделни инвеститори би ги чинела и повеќе од потрошеното во изградбата на централата. Да може да се предвиди секој инвеститор да има ваква батерија за чување на 10 отсто од предвидената енергија, но и тука проблем е што струјата во нив може да се чува само неколку часови. Не може да се чува со денови за да се овозможи во даден момент таа да се пушти во системот. Како што веќе реков, потребна е инвестиција во адаптирање на електричната мрежа, не да се прават вештачки кочници за инвеститорите. Струјата ни е потребна, а сета нова технологија се базира на струја. Инсталирањето на топлински пумпи, на употреба на електрични возила и сè друго е поврзан со потрошувачка на струја и затоа треба навреме да се размислува за обнова на системот – додава Цицонков.

Прво се прави мрежа, а потоа се рекламира инвестирањето во струја

Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“, кој е и директно вклучен во процесот на инсталирање на фотоволтаици, вели дека проблемот е во тоа што државата доцни со подготовка на мрежата за прифаќање на производството на струја од новите централи од обновливи извори.

– Требаше да се инвестира во мрежата напоредно со давањето одобренија за изградба на нови централи, а не да се ограничува кој ќе биде приклучен на мрежата, а кој не, па во тој процес да бидеме сведоци на висока корупција. Ние користиме мрежа која е изградена во една поранешна држава во која и потребите биле помали. Во меѓувреме може на водовите да им се додадат нови жици за да се премости периодот – вели Ненов.

Според него, најголем проблем за инвеститорите да се вклучат во мрежата, за да можат да ја продаваат струјата, е тоа што мрежата не само што е ограничена туку веќе е закупена.

– Мрежата веќе е ограничена бидејќи големите инвеститори, иако уште не ги изградиле централите, веќе ја закупиле мрежата. Па така, новите инвеститори, иако ги исполнуваат условите и имаат блиски приклучни места, не можат да се приклучат и да продаваат струја и треба да чекаат со месеци. И овде мора да интервенира државата, која рекламира инвестирање во фотоволтаици, а не овозможува тие да се приклучат на мрежата – додава Ненов.

Владата подготви стратегија за инвестиции во зелена енергија во која на обновливите извори на енергија им се дава приоритет, а се планира затворање на термоелектраните кои се големи загадувачи н воздухот. Стратегијата е заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ.